ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Светот на жените

243

Во пресрет на 8 март да дадеме краток опис на некои типови на жени. Да ги замислиме жените кои се изградиле како личност, имаат добар статус во општеството, поседуваат висока интелектуална наобразба, успеале на финансиски план, култивирано се однесуваат, умно зборуваат, во секој поглед се независни и притоа убаво изгледаат. Дали тие жени се премногу „опасни” за најголемиот број мажи?

Мажите кои стравуваат и не умеат да се носат со таквите жени, треба да здивнат, зашто природата наумила да постојат мал број жени со сите тие позитивни карактеристики и атрибути. Тука ќе наведеме одредени типови на жени, кои почесто ги сретнуваме во текот на животот.

Постојат најмалку седум типа жени. Првиот тип е жена со духовна воздигнатост, моќен ум и капацитет на знаење која вложила во личниот развој и успеала да изгради висок статус во општеството. Таа е опасна за мажите и затоа тие ја одбегнуваат, бидејќи не можат да ја контролираат. Премногу е независна и самостојна во очите на мажите за тие да почувствуваат потреба со неа да ја покажат својата „машкост” и да демонстрираат „заштита”.

Вториот тип жена се карактеризира со убав изглед, надополнет со нејзината енергичност, самосвест и самодоверба, иако на интелектуален план не се истакнува со некое големо знаење. Таа поседува моќна еротска енергија, која ѝ овозможува набргу по запознавањето и првите средби, да тргне кон поинтимните аспекти на врската. Мажите најчесто ја оценуваат според нејзината надворешност, а не според тоа со каква духовна убавина се карактеризира.

Жената што припаѓа на третиот тип, пак, е целосно посветена на домот, семејството или на блиските. Постојано манифестира жртвеничко однесување и своите интереси секогаш ги става на последно место. Поседува висок морален критериум, умее да покаже нежност и да ги сподели емоциите со саканите личности. Секогаш е подготвена да придонесе и да ги исполни желбите и потребите на партнерот. За неа е клучно мажот да биде стабилен и одговорен, да се грижи за блиските и своето слободно време повеќе да го поминува во домот и со семејството. Таа се освојува со нагласување на нејзината важност и со подигање на нејзината вредност за тоа колку е битна за напредокот на семејството. Истиот модел на однесување се забележува и кај некои мажи, иако многу поретко.

Четвртиот тип жена веројатно не ја поднесува женственоста во себе и потсвесно жали што не се родила како машко. Таа на прво место го става самопотврдувањето така што смета дека секогаш треба да биде по нејзино. Очекува мажот постојано да ја задоволува, да ѝ служи и да ѝ се подредува. Ретко покажува нежност, а уште поретко покажува интерес и емпатија за потребите на партнерот. За неа е важно само она што таа го мисли, работи и одлучува. Ако кај мажот наиде на отпор, ретко е подготвена на компромис, туку уште повеќе го зголемува притисокот и влегува во вербални борби и расправии. Приспособувањето го доживува како пораз, поради што инаетливо настојува да ја истера својата вистина и авторитарно им се наметнува на другите, обвинувајќи ги за нешта за кои самата е виновна. Причината за проблемот што овој тип жена го има со себе, веројатно произлегува од трауматичните искуства (во семејството или надвор од него) што ги доживеала во текот на детството, односно младоста. Овој модел на однесување многу често го практикуваат и голем број од мажите.

Кај петтиот тип жена, пак, генетиката ѝ овозможила да изгледа мошне атрактивно и сексапилно, но да има ниско ниво на самодоверба и да биде премногу критички ориентирана кон сопствената личност. Низ историјата имало такви примери, меѓу кои е Мерилин Монро, која без оглед што прекрасно изгледала, немала превисока самопочит и самодоверба, затоа и страдала во љубовта. Емоционалната ранливост и стравот од напуштање се главни карактеристики на овој тип жена.

Карактеристично за шестиот тип жена е нејзината сила, енергичност, храброст. Таа е премногу насочена кон потребата професионално да се реализира и себеси се доживува како специјална, моќна, независна и интелигентна. Нејзина посилна страна е рациото, а не емоционалната страна на личноста. За партнер избира силен, паметен, професионално реализиран и способен маж, кој ќе ѝ биде предизвик и достоен ривал и соработник. Целосно ќе биде освоена само ако мажот поседува духовна воздигнатост и знаење, иницира емоционални гестови и внимание и ужива во авантури и предизвици, бидејќи овој тип жена не сака животот да ѝ помине во монотонија, пасивност и неинвентивност.

Седмиот тип жена поседува голема страст, флуид, привлечност, има моќен нагон и енергија, но не е доволно паметна и способна независно да се движи по патеката на егзистенцијата. Затоа, најчесто бара маж кој ќе ја издржува и искачи на повисоко ниво од социјалното скалило. Практиката покажува дека некои од тие жени, многу често од своите партнери („спонзори”) добиваат скапи подароци  (автомобил, накит, стан…) но и покрај тоа, имаат потреба од седативи, бидејќи се под постојан притисок, зависност и чувство дека мора да му се на располагање на другиот. Тој ѝ вели: „Јас ќе ти овозможам убав живот, но ти треба постојано да ми бидеш на дофат и да ме задоволуваш”.

Најопасни се загубата на духовниот мир и немирот на совеста.

Затоа, треба да внимаваме кон какви нешта се ориентираме, бидејќи сè има своја причина и сè што правиме носи свои последици. Колку од жените страдале само затоа што се жртвувале во името на љубовта, партнерот, децата и семејството? Мажот ја градел кариерата, а жената запоставувајќи го својот интелектуален и личен развој, не изградила сигурен темел на егзистенцијален план. Партнерот успеал и постигнал напредок, но кога се искачил кон повисокиот статус ја заборавил (демек повеќе не му е негово ниво) и се ориентирал кон неверството или ги запоставил брачните и семејни обврски. Немајќи статус, пари и перспектива на материјално и професионално поле, многу жени биле принудени да ја прифатат таквата наметната ситуација.

Овие нешта не се црни сценарија, туку реален приказ што ги снаоѓа или може да ги снајде жените, кои не вложуваат во својот личен развој, туку стануваат тотално зависни од влијанието на партнерот. Судбината често може да биде максимално неправедна кон жената (може да биде и кон мажот), која и покрај тоа што целосно се вложила за напредок на семејството, на крајот останала изневерена и емоционално се фрустрирала.

Од вакви опасни ситуации за нејзиниот внатрешен мир, жената може да се спаси само ако пронајде посветен, чувствителен, разумен и лојален партнер. Прашање е колку е лесно истиот да се пронајде?!

Во поинаква ситуација, секој напредок на мажот и неговото реално или потенцијално предавање на ниските страсти може да ги загрози хармонитетот и перспективата на жената. Одредени мажи целосно им подлегнуваат на страстите, укажувајќи дека тие сакаат да излегуваат, да другаруваат и да уживаат во сите радости на животот. Некои други, пак, сето тоа го прават на скриен начин, камуфлирајќи се со посветеност, ангажираност и смиреност во домот, наоѓајќи време за делумна блискост и интимност со сопругата. Како и да е, жените кои држат до моралот, вредноста, верноста и семејниот напредок, многу повеќе страдаат, доколку доживеат разочарување од партнерот, бидејќи им се урива целиот идеал за среќна и хармонична љубовна заедница. За таквите жени партнерот и семејството се темел и единствена вистинска вредност во животот. Тие очекуваат мажот да им создаде безгрижни мигови, позитивно да ги поттикнува и да покаже дека таа има посебно место во неговиот живот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

 

 

#ВечерМК #ВесникВечер #zivotnipatokazi #kolumni #kolumniVesnikVecer Zoran Krstevski