Митко Панов нов в.д. директор на Институтот за национална историја!

Професорот Митко Панов е нов вршител на должноста директор на Институтот за национална историја, доаѓајќи на местото на Драги Ѓоргиев, копретседател на Мешовитата македонско-бугарсла комисија за историски и образовни прашања, кому му заврши шестмесечниот (продолжен) мандат на чело на ИНИ.

Историјата на Византија, историјата на средновековна Македонија и на Балканот, како и историографијата на Балканот, средновековна и модерна, се во фокусот на истражувањата и на предавањата на новиот в.д. раководител на најстарата научна установа за проучување на националната историја на македонскиот народ и на етничките заедници, основана во 1948 година.

Панов, кој јавно застана и не престана да се бори против обидите за наметнување на бугарскиот поглед врз македонската историја, беше кандидат за в.д. директор и пред половина година, но тогаш Советот на ИНИ, во кој членуваат шестмина вработени во институцијата и тројца именувани од Владата, при второто гласање го оставија во фотелјата Ѓоргиев уште шест месеци.

На тој конкурс, покрај Панов, беше пријавена и професроката Катерина Младеновска, но, при самиот крај на постапката интервенираше Просветниот инспекторат, наводно, по добиени претставки потпишани од непостоечки личности, според сознанијата на порталот „Република“!