ПОЛУВРЕМЕ: Катастрофа одбрана, губиме со „минус четири“ од Фарските Острови

Македонија има негатива од четири гола по првото полувреме од гостувањето против Фарските Острови (14-18), по катастрофалните 30 минути што нашите ракометари ги одиграа во одбраната, не успевајќи да го запрат полетниот домашен состав. Стартот беше катастрофален, а кога успеавме да се приближиме следеа промашувања од поискусните играчи, што Фарските Острови го искористија и успеаја повторно да се одлепат.

Мечот почна со загубена топка на Талески во нашиот прв напад, а една минута подоцна го постигнавме и првиот гол преку Јагуриновски. Одбраната беше сериозен проблем во почетните минути, па по 250 секунди игра противникот веќе постигна четири гола (4-2). Зачестија и грешките во нападот, Талески промаши од девет метри, Јагуриновски имаше пробивање, а Фарските острови го искористија тоа за водство од 6-2, принудувајќи го Лазаров на тајмаут.

По тајмаутот во игра влезе Филип Кузмановски, тргнавме со „седум на шест“, но по грешката токму на Кузмановски домаќините лесно реализираа за 7-2. Серијата на противникот со својот прв гол ја прекина Лазаревски, Македонија ја врати самодовербата, па набрзина намаливме на 7-5.  Со добра игра продолживме и во следните минути, но не успеавме да ја намалиме негативата на „минус еден“ откако Кузмановски не реализираше пенал при 9-7. Не реализиравме уште еден напад со играч повеќе откако Пешевски беше запрен, а во 19. минута серијата промашувања ја продолжи и Талески со зицер од шест метри што заврши само во гредата.

Фарските острови ги искористија овие подароци и поведоа со 11-7, а проблемите се зголемија откако во 22. минута при 12-9 триесетина секунди бевме и со двајца играчи помалку, по исклучувањата на Атанасијевиќ и на Кузманоски. Лазаров го уфрли Томовски на голот, но домаќините постигнаа уште еден лесен гол и се вратија на најубедливи „плус пет“ (14-9). Мартин Серафимов конечно доби шанса на теренот и веднаш постигна гол со играч помалку, по што домашниот селектор побара тајмаут при водство на својата селекција од 14-10. Советите дефинитивно вродија со плод откако Фарските острови доминираа во завршницата од полувремето, зголемувајќи на 17-11, до блокови лесно креирајќи дупки во нашата одбрана што Скипаготу ги претвораше во гол за водство од 17-11. Лазаревски ја прекина серијата на гостите, по што Кузмановски даде два гола во последната минута од полувремето и на одмор заминуваме со четири гола негатива (18-14).

Дефинитивно, ова е едно од најслабите полувремиња на нашиот национален состав во последните години, а останува впечатокот дека противникот не е толку страшен и доколку успееме да ја консолидираме сопствената игра, дефинитивно можеме да дојдеме до подобар резултат пред реваншот во Скопје.

Се вчитува...