Велешанец нападнал пијано лице, па од него украл 100 долари, 150 евра и 4000 денари

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишник од Велес со привремено престојувалиште во Куманово, кој е осомничен за кривично дело – Разбојништво од член 238 став 1 од Кривичниот законик.

На 20 ноември, тој со употреба на сила од друг одзел туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои. Додека оштетениот се движел сам по улица во алкохолизирана состојба, осомничениот го забележал и го нападнал, удирајќи го со тупаници во главата и телото. Од ударите оштетениот паднал на земја, па осомничениот од џебот му го одзел паричникот во кој имало парични средства во различни валути (100 долари, 150 евра и 4.000 денари), како и банкарски картички и други документи. По настанот, избегал од местото на настанот.

Бидејќи постои основан страв дека осомничениот може да се даде во бегство, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​​