Докторот Марковски: Пливам „како камен“, ама ме бива за фудбал, тенис, пеење…

Вело Марковски, познат инфектолог и кандидат за претседателската трка, одговара на 10 прашања надвор од двете споменати сфери:

  1. Три најсреќни моменти во животот?

-Имам 4 деца. Тоа се не три, туку четири најсреќни моменти во мојот живот. Секое раѓање на дете, на нов живот е најсреќен момент. Среќен бев и кога ја снимив  првата песна Налеј налеј… Радосен бев кога ја објавив првата книга проза со наслов „Приказните на татко ми“.

  1. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

-Сметам дека сум многу аналитична личност. Генерално сите одлуки ги носам после долго размислување. Сепак најмногу што сум погрешил е при избор на луѓе во кои безрезервно сум верувал, па се покажало дека тоа било многу погрешно. За жал, тоа се случило повеќе од три пати.

  1. Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

-Венко Андоновски, Симеон Трпчески, Дарко Панчев.

  1. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

-Ме радуваат прошетките во планина, играње тенис, играње шах, танцување. Ме иритира инертноста кај луѓето, негрижата за природата, негрижата кон животните.

  1. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

-Бев одличен ученик и со леснотија ги совладував сите предмети. Единствен предмет кој ме измачуваше и не ми одеше беше Ликовно. Никогаш не ми одело сликањето. Исто така за физика не покажував голем интерес.

  1. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

-Го сакам спортот и добар сум во спортови со топка како фудбал, тенис, пинг понг, кошарка. Не ме бива во спортови во кои има контакт и борба. Уживам да пеам, и мислам дека добро пеам. Добро играм белот. Не ме бива за цртање. Не кажувам убаво вицови. Пливам ,,како камен”.

  1. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

-Изворот на Бабуна, Крушево, Црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане.

  1. Три најдобри книги, филмови и песни?

-Книги: Папокот на светот од Венко Андоновски; Тудорите:  Целосната приказна за најозлогласената династија на Англија од Џералд Мајер (G. J. Meyer – The Tudors: The Complete Story of England’s Most Notorious Dynasty), Посланија и Риданија од Кочо Топузовски.

Филмови: Зона Замфирова, Ана Каренина, Борат.

Песни: Зајди зајди јасно сонце, The Mambo Kings: Beatiful Maria of my soul, Цесарица – Оливер Драгојевиќ

  1. Три омилени јадења?

Вргањ- сакам сам да ги соберам во природата и потоа на различни начини сам да ги приготвам на плотна, или пржени, или во сос;

Грав – обожавам да јадам чорбест грав. Највкусен е гравот растен на богомилските лаки. Разочаран сум кога на пример дома се спремал грав за ручек а јас предходно сум јадел скара во кафеана. Од грав знам  и да се прејадам;

Риба – од морските риби најчесто јадам ципура која ја приготвувам на скара. Но најомилена морска храна ми е октопод, кој за жал го јадам само во ресторани затоа што подготвувањето ми изгледа многу комплицирано. Од речните риби најмногу сакам клен уловен на Беличка река, спреман во релна е префкусен специјалитет.

  1. Три совети кои ги давате на другите?

-Највредните работи во животот ги добиваме „без пари“. Материјалните богатства можат само привремено да Ве направат среќен, духовните богатства може да ги добие секој и траат долго или вечно.

Во животот мора да бидеш успешен во повеќе полиња за да се чувствуваш среќен и исполнет. Важна е љубовта, социјалниот живот и професионалната исполнетост. Повремено можеш да се посветиш повеќе на една област, но потоа мораш да направиш рамнотежа. Нема да бидеш многу среќен ако постигнеш врвни резултати во кариерата, а си го запоставил љубовниот живот и/или семејството и ако немаш задоволителен општествени социјален живот.

Здрав човек има илјадници желби, болниот само една. Правете комплетна крвна слика барем еднаш годишно. Повозрасните и боди скен барем еднаш на 2 години.

Претходна вестБлаготворителен базар за помош на животните
Следна вестПочина новинарот Предраг Димитровски