Студија: Маслиновото масло може да помогне во борбата против деменцијата

од Vladimir Zorba

Маслиновото масло, кое се смета за поздрава алтернатива на маслата од семки, е исто така корисно во спречувањето на когнитивните загуби и смртта поврзани со менталниот пад, покажа 28-годишното истражување на 92.000 луѓе.

„Зголемената потрошувачка на маслиново масло е поврзана со намален ризик од смрт предизвикана од деменција, без оглед на севкупниот квалитет на исхраната“, е заклучокот на тимот на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Харвард, чие истражување е објавено во стручното списание на Американско медицинско здружение (AMA).

Учесниците биле прашувани на секои четири години за количината на маслиново масло што го консумираат и за нивните навики во исхраната воопшто, додека за смртните случаи, каде што е применливо, се бараше причината за смртта, вклучително и деменција.

Откриено е дека оние кои ретко или никогаш не користеле маслиново масло биле повеќе склони кон развој на состојби како што е Алцхајмерова болест. Научниците објавија дека резултатите од долгорочното истражување водат до заклучок дека „внесот на маслиново масло претставува можна стратегија за намалување на смртноста од деменција“.

Студијата покажа дека луѓето кои консумираат повеќе од половина лажица маслиново масло дневно имале 28 отсто помал ризик од смрт од деменција во споредба со оние кои ретко или никогаш не го консумирале. Понатаму, замената на само една кафена лажичка маргарин или мајонез со еднаква количина маслиново масло дневно е поврзана со осум до 14 отсто помал ризик од смрт од деменција.

Со висока содржина на антиоксиданси и малку преработено, цеденото маслиново масло е поприродно од другите растителни и од семки, кои се посиромашни со хранливи материи и без вкус поради методите на мешање и преработка.

Тимот од Харвард, исто така, објави дека не е пронајдена врска помеѓу растителни масла или путерот и други млечни производи со когнитивно опаѓање.

Тие исто така посочуваат дека редовните корисници на маслиново масло развиваат дијабетес во помала мера од оние кои се посклони да консумираат растителни масла и масла од семки и дека е „можно“ готвењето со маслиново масло да е „показател за поздрава исхрана. “.

Сепак, цените на маслиновото масло вртоглаво пораснаа во последниве години, а оваа вредна храна стана понедостапна за луѓето со пониски примања, бидејќи се соочуваат со пораст на цените на храната, горивото, греењето и транспортот од средината на 2021 година.

Според Канцеларијата за статистика на ЕУ, цената на маслиновото масло во европскиот блок годинава е за 50 отсто повисока од 2023 година.

Слични содржини