РЕШЕНИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, ПО 8 МАЈ

 

 

                                                                                        

 

м-р Глигор Стоименов

 

Ги следам политичките кампањи за избор на претседател, еве почнува полека и оваа за парламентарните избори и некако си правам сопствени проценки за зрелоста на Македонските политичари без разлика на националната припадност, проценка за зрелоста на Македонскиот електорат, медиумите итн. Од сето видено до сега можам да го разберам изборниот вокабулар, ветувањата и манипулациите на кандидатите, но не можам да разберам дека се уште има огромен број на граѓани кои лесно веруваат и ги консумираат оние мноштво искажани “трчи -лажи“ ветувања.

Па меѓудругото слушнавме дека нема веќе да има попустлива надворешна политика, да, и тоа го слушнавме, ќе се барале гаранции од Брисел и ќе им ставиме на сите до знаење кои сме ние, а не како до сега виткање кичма. Ќе се барало нова преговарачка рамка, оваа не ја бивало, како и гаранции дека нема да има повеќе билатерализација на нашиот пат кон ЕУ. Некои од кандидатите ќе го раскинувале “Преспанскиот Договор“, а други пак ќе излегувале од НАТО, некои ќе барале реципроцитет, а други пак се закануваат кон ЕУ и внимавајте даваат рок до 2030 да не примат, инаку не ги фермаме после тоа. Но еве денес овие од ДУИ ни пуштаат и “привиденија“ затоа како ќе изгледал новиот парламент.  Луѓе мои, да не ви личи ова по малку како “Циркус Медрано“. Многу од овие работи искажани од некои кандидати и не вреди да се коментираат затоа што се хумористични пред се.

Со мојата почитувана професорка, кандидат на опозицијата за претседател, минатите избори во 2019 година споревме околу тоа кој може да потпишува и склучува меѓународни договори. Веројатно веќе сите научија дека освен претседателот, меѓународни договори може да потпишува и премиерот и министерот за надворешни работи. Така е секаде во Европа, така е и кај нас, но така е и согласно Уставот, законите и меѓународните договори кои сме ги усвоиле. Препорачувам до мојата професорка без разлика дали ќе биде претседател или не, повеќе да се дружи со професорот Денко Малески во наредниот период, затоа што многупати ми рекла дека многу го почитува.

Веројатно по овие избори сите други ќе научат дека на ниту една земја кандидат до сега, од 1957 година па наваму, од основањето на Европската заедница за јаглен и челик, денешната ЕУ, ама баш на никоја до сега не и биле дадени никакви гаранции од ЕУ. Ако не е така, нека кажат кој добил гаранции? Во меѓународната и домашната политика а впрочем и никаде на друго место не постојат гаранции, освен гаранции на апарати за бела техника, таму постојат гаранции, но и таму не важат секогаш. Веројатно ќе научат и тоа дека кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ се понатаму ќе претставува билатерализација. Тоа е неизбежно. Треба сите да бидат свесни дека веќе отстапуваме дел од нашиот суверенитетот кога бараме ЕУ интеграција, така било за сите. Имено, секоја членка ќе може да спори со Вас за било која тема од преговорите до колку не ги исполнувате тие работи што сте ги договориле и имплементирале. Така е согласно новата методологија. Затоа прашањето околу билатерализација е безпредметно и не се однесува само на Р. Бугарија. Р. Бугарија може да спори со нас по било кое прашање од преговарачките кластери по одредени теми, но единствено НЕ може да спори по историските прашања со нас затоа што тие не се дел од преговарачката рамка, туку обврска на историските комисии кои се пак обврска согласно Договорот за добрососедство кој е пак обврска согласно Копенхашките критериуми. Не знам зошто нашите политичари не сакаат да ја читаат и не сакаат да ја разберат преговарачката рамка кога цела Европа ја разбира. Дали сме тоа ние нација која ништо не чита и ништо не разбира, односно нација со најниска интелигенција во Европа според некои истражувања на ЕУ агенции. Не сакам да верувам во тоа. Но и понатаму сум убеден и сметам дека “Францускиот предлог“ околу преговарачката рамка со ЕУ е еден поклон за нас од Брисел, имајќи во предвид дека се издејствува во едни сложени политички релации со Р.Бугарија, кога барањата од таму кон нас беа многу поголеми. Внесување на Бугарите во Уставот е најмалата работа што можевме да ја направиме. Тоа не е диктат. Но нашата политика и нашите политичари во невидена желба за власт свесно или несвесно направија еден политички, национален и пред се геостратешки “дебакл“ врз нашите граѓани со тоа што ја затворија вратата кон ЕУ, секако привремено, но ќе изгубиме драгоцено многу време.  Тоа е сепак и израз на зрелоста на една нација и политика, во еден даден временски период. Вистинските и зрели политичари мораат да носат и одлуки кои се спротивни од волјата на мнозинството во даден временски период, одлуки кои носат бенефит во наредните децении.

 

Како понатаму по 8 мај?

 

Ситуацијата во моментов на политички план е доста сложена и неизвесна за нашата земја. Политичките партии во желба за приграбување на гласови ветуваат се и сешто при тоа како да не мислат како ќе се разбудат на 9 мај и ќе продолжат да живеат со тие силни зборови што ги кажуваат.

ВМРО -ДПМНЕ се во некоја еуфорија, дека еве доаѓаат на власт и зборуваат се и сешто. Ќе ја спасувале Македонија, горди ќе сме биле, а факт е дека при секое нивно спасување не заглавувале во таква кал да не можеле долго да не извадат после тоа.  Но тука има еден друг проблем. Еве да речеме дека го прават ова само за да дојдат на власт, но после 9 мај ако бидат власт ќе мора да го спроведат и она што не го ветуваат на митинзите, а го ветуваат онака на муабет особено пред меѓународната, тоа се Уставните промени. Инаку не гледам како би биле власт подолго време? Како ќе го направат тоа со нивните гласачи не знам, ги дигнаа многу ветувањата, веројатно имаат стратегија или стратегијата е она да дојдеме па после ќе му ја мислиме. Но никаков план околу нашата европска иднина официјално тие не понудија. Оваа политика и понуда објективно ја гледам како една долга и темна улица од која нема долго да  излеземе, со еден збор “неизвесност“.  Сепак, факт е дека граѓаните во голем број ќе дадат поддршка за оваа коалиција од повеќе причини. Една од главните причини е да ги испратат ДУИ во опозиција и да не можат веќе Албанските партии да прават што сакаат. Но тоа го сакаше и Зоран Заев минатите избори и не успеа. Впрочем ако направите една кратка анализа меѓу граѓаните ќе видите дека главното незадоволство и гласање за Македонската десница и за ВМРО-ДПМНЕ пред се, одат токму од тој некој имагинарен “страв“ од “албанизација“ на Македонија. Во ова се убедени голем број Македонци и ќе го дадат својот глас за ВМРО-ДПМНЕ спремни да ја жртвуваат дури и европската иднина и демократијата во земјата, само за да им стават ред на Албанците, зошто нели ја “изгубивме државата“. Но знаете, не е битно овде што мислам јас, битно е дека ова го мислат голем број граѓани и секогаш е опасна и сериозна ситуацијата во една држава кога најголемата (во бројки) нација, како најсилен носител на суверенитетот во една демократија, се чувствува несигурна, односно со “расклатени нозе“, тоа е потенцијално многу опасна ситуација. Овде секако треба да апелираме и до политичките партии на Албанците кои секогаш на избори со цел да добијат што повеќе гласови се “пумпаат“ со национализам и нови барања и го нарушуваат Охридскиот Рамковен Договор. Барањата за избор на претседател на државата во Собрание, премиер по етничка припадност и по етнички клуч се барања со кои се руши унитарниот карактер на Македонија и треба веќе еднаш да запрат. За секои избори го гледаме истиот овој националистички фолклор кој не служи за ништо друго освен кога немаат понуда па им нудат “ветер и магла“ на својот електорат. На глупости и национализам секогаш се одговара со поголеми глупости и поголем национализам, тоа е правило во политиката.

Што се однесува до СДСМ како владеачка партија таа во моментов е во една тешка и незавидна ситуација. Не можете секогаш да ги обвинувате зошто не му се спротивставиле на ДУИ посилно, иако сакаа и свесни се дека ДУИ им го уништи рејтингот, едноставно толку беа бројките, толку им беше силата во парламентот.  Инаку секако дека дел од причините за овој пад на рејтингот на СДСМ е во тоа што дадоа и големи жртви околу решавање на тешки прашања за Македонија но за многу работи и самите се виновни. На нив можам се у лице да им кажам и око да не ми трепне затоа што ги поддржувавме сите овие години. Тие и покрај храбрата политика која ја водеа покажаа исклучителни слабости во рамките на кадровскиот потенцијал и избор, како и во рамките на ефикасно и ефективно владеење.  Имаат слабости во многу сегменти, еден исклучително слаб пи-ар, како зарѓан трабант! Многу млитаво и лошо во јавноста го објаснуваа и менаџираа Францускиот предлог околу Преговарачката рамка, не го читаа и разработија доволно и дозволија на ТВ дебати над нив силно да доминираат многу слаби и нестручни поединци од другата страна, како да немаа оружје во рака. Секако и низа други работи со кои тешко се справуваа. Исти, идентични соопштенија со ист вокабулар. Па замислете опозицијата и на ступидни предлози како онаа за продолжување на важноста на пасошите, која во основа ништо не значи, им вадеше поени! Верувам дека по изборите ќе има таму длабинско чистење и ресетирање во многу сегменти!

Но и понатаму сметам дека СДСМ се политичка опција која со сите свои слабости и мани покажа доследна храброст и државотворност, на тоа треба да се оддаде признание, и сепак нуди единствена предвидлива политика за развој на државата, се друго што гледам како понуда и алтернатива е една голема неизвесност. Затоа граѓаните пред гласачкото место длабоко да размислат дали ќе гласаат за својата иднина или ќе влезат во некоја долга и темна улица.

 

Решенија по 8 мај

 

Како што впрочем анализиравме ситуацијата е буквално таква “ угоре високо, удолу длабоко“. Се повеќе сум убеден дека со ова ниво на политичка култура кое го имаме, со ова ниво на зрелост на политичките елити во Македонија како и на Македонскиот електорат, уште многу години нема да бидеме дел од ЕУ и тешко ќе ги водиме преговорите. Немаме елементарна политичка воља да се промениме. Партиите се како рогови во вреќа и секогаш, па и уште 100 години натаму ќе го гледаат само политичкиот интерес.

Потребно е ново “Пржино“, како сакате наречете го. Мислам дека е потребно да почнеме да размислуваме сите заедно околу она што пред неколку години некои професори го предложија, од започнување па до завршувањето на преговорите со ЕУ да се формира во Македонија една влада на “Голема коалиција“ на двете Македонски најголеми партии и на двете најголеми албански партии и сите заедно во влада. Таа коалиција би била предвидена како законско решение, како што е впрочем и техничката влада. Ќе видиме понатаму дали ќе бидат потребни и Уставни измени или може да се најде решение и без тоа. Победникот на изборите би го имал премиерското место и би раководел со владата а останатите ресори ќе се поделат согласно местата предвидени во договорот за една ваква влада, по принципот на добиени гласови на изборите. Ние единствено може да влеземе во ЕУ притоа имајќи го во предвид ова ниво на развој, само доколку сите политички чинители ја споделуваат одговорноста заедно. Оваа влада би имала временски карактер и нејзината важност би завршила со денот на завршување на преговорите со Брисел. Изборите ќе се одржуваат редовно на секои четири години, ќе бидат исто така спроведени од една техничка или експертска влада (100 дена пред избори) и не верувам дека многу ќе се изгуби смислата на демократијата и плурализмот доколку во еден извесен временски период сите партиципираат во една таква влада. Големата слика е тоа, да со заеднички напор  ја однесеме оваа држава таму каде што треба.

Е сега ова на некој ќе му изгледа интересно решение, друг нема да се согласи вака на прва мислејќи дека на 8 мај ќе биде голем победник и ќе може ефективно да владее со целиот плен! Но ова е само на прв поглед. Веќе на 9 мај ќе им стане јасно на многу актери на политичката сцена дека не е се така како што изгледало на митинзите. На ВМРО-ДПМНЕ ќе му бидат испорачани барања за коалиција кои тешко ќе ги исполни иако ветуваат кај ќе стигнат дека ќе исполнат се што треба. Тие го подигнаа  прагот на еуфорија  до небо и тешко ќе излезат од тоа дури и да сакаат а сигурно веќе сакаат. Но и да се договорат со ДУИ и да формираат влада тоа тешко ќе оди, таа влада ќе биде со краток рок. На СДСМ исто така ќе му бидат испорачани барања од ДУИ, ако сака да направи влада, а тоа е Албанец премиер, не технички туку вистински. Не ја разбираат многумина се уште маестралната игра на Али Ахмети. Барањето за избор на претседател на држава во Собрание е мамка, всушност барањето ќе биде за вистински премиер Албанец, не технички. На Ахмети всушност ништо не му значи претседател на држава.  Тој сака премиер. Во една ваква констелација секако тука постои и можност за “Бугарско сценарио“ да не се формира влада кое е исклучително лошо и неповолно за нашата земја.

Ситуацијата е таква каква што е, за никаде. Затоа по 8 мај ќе видиме како ќе се одвиваат работите и каков ќе биде односот на силите. Вреди да се размислува во сите насоки па и за овие идеи. Затоа мора да се издигнеме како држава на едно повисоко ниво, да ги закопаме суетите и да мислиме како ќе биде подобро утре од вчера.

Сепак на крајот не знам дали сме свесни дека се од нас зависи.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close