Киелце го победи Магдебург, но цела сала занеме по болниот крик на Олејничак

Ракометарите на Киелце славеа со минимални 27:26 над европскиот шампион Магдебург во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите, но натпреварот го одбележа тешката повреда на играчот на полскиот тим, Михал Олејничак.

Имено, на три минути пред крајот, играчот на Магдебург, Феликс Клар, при постигнувањето на голот на 26:26, изгуби контрола и падна врз ногата на Олејничак, чиј крик ја „занеме“ цела сака во Киелце. Неколку минути додека му се укажуваше лекарска помош на Олејничак, навивачите беа тивки, а потоа со аплауз го испратија ракометарот во соблекувалната.

Во последната минута, поранешниот вардарец, Игор Карачиќ постигна гол за 27:26, резултат кој на крајот се покажа како конечен.

Киелце водеше во текот на целиот натпревар, но ракометарите на Магдебург успеваа да се вратат во игра, во финишот на првото полувреме со серија 0:4 израмнија на 12:12, а во 5-тата по голот на Гисли Кристијансон и за првпат поведоа (22:23).

Но, играчите на Киелце одговорија со три гола по ред за 25:23, а Магдебург преку Клар на три минути до крајот дојде до 26:26. Минималната предност за полскиот тим во реваншот ја обезбеди Карачиќ.

Токму поранешните играч на Вардар кои триумфираа во ЛШ, Алекс Душебајев и Игор Карачиќ беа најдобри кај Киелце, постигнувајќи осум, односно седум гола. Во редовите на европскиот шампион, најдобар беше Феликс Клар со осум гола.
Натпреварот го судеа нашите најдобри ракометни судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.

- Оглас -

Најнови вести