САД не ѝ ги дале сите податоци на Русија за нападот крај Москва, за да не ги издадат своите извори

Американските власти не ги споделиле со своите руски колеги сите податоци за планираниот терористички напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“ крај Москва, стравувајќи дека ќе ги откријат доушниците и разузнавачките методи на американските разузнавачки служби во Русија, пишува The New York Times.

„Непријателските односи меѓу Москва и Вашингтон не им дозволуваа на американските власти да споделат повеќе информации за планот (на терористите) поради стравот дека руските власти би можеле да ги дознаат нивните разузнавачки извори или методи“, пишува весникот.

Како што претходно седмицава изјави директорот на руското разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, информацијата за подготовка на терористички напад во Русија на почетокот на март, пренесена од Вашингтон, била од општа природа и на неа реагирале руските специјални служби. Во исто време, тој истакна дека податоците на САД за планираните терористички напади не биле конкретни и не биле вклучени повеќе детали.

Бротников рече и дека безбедносните сили преземале акција „против одредена група и конкретни поединци“ и во тој момент информацијата не била потврдена. Зборувајќи за тоа дека предупредувањето се однесувало на претседателските избори (од 15-ти до 17-ти март), а не на концерти, Бортников нагласи дека таква информација имало на почетокот од март, кога амбасадата на САД во Москва ги предупреди своите државјанин да ги избегнуваат местата на масовни собири поради можен терористички напад.

Според високо позиционирани американски функционери, на кои се повикува NYT, Вашингтон последните месеци со големо внимание ги следи активностите на екстремистичката групација Исламска држава. Соговорниците на весникот забележале дека во текот на следењето, кое вклучувало прислушувања, електронски пресретнувања, информатори и други средства, американските оперативци добиле прилично конкретни информации за плановите за терористички напад кој се подготвува во Русија.

Во првичните неофицијални руски реакции на написот, се проценува дека станува збор за нов обид на американската страна, одговорноста за терористичкиот напад да биде префрлена кон Исламската држава. Покрај тоа, Москва посочува дека сомнително е и брзото и упорното инсистирање на оваа ултрарадикална милитантна групација да ја преземе одговорноста, но дека тоа го стори на начин нетипичен за досегашните нејзини изјави, со меморандум кој одамна не го користи и со видео во кое се изобличени гласовите и ликовите на напаѓачите, што е исто така нетипично.

Сепак, Москва сѐ уште не верува во теоријата која се развива, првенствено од САД, дека страшниот терористички напад крај Москва со 143 убиени и над 180 ранети е дело на Исламската држава. Рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање до нацијата потврди дека извршителите се радикализирани исламисти, но посочи дека се истражува кој е налогодавачот за овој напад.

Највисоките руски функционери посочуваат дека речиси моменталните изјави од Вашингтон дека зад нападот во „Крокус“ стојат џихадистите на Исламската држава а не Киев, како и фактот што терористите бегале кон Украина каде што по нивните првични изјави „контактирале со некого“, укажуваат на тоа дека зад нападот стојат западните и украинските разузнавачки служби.