Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара да се започне процес на затворање на зоолошките градини во Република Македонија, затоа што смета дека се непрофитабилни, скапи, несоодветни, неповолни, декадентни и неетички, како за едукација така и за забава.

Ова е само едно од барањата упатени од „Анима мунди“ до учесниците на парламентарните и на претседателските избори – да се вклучат и јавно да се заложат за унапредување на статусот на животните.

– Благосостојбата на животните е исклучително важна за македонските граѓани и дури 70 отсто од нив имаат домашни миленици или бездомен миленик за кој се грижат – велат оттаму.

Бараат забрана за евтаназија на бездомните животни, животните што се излечиво болни и животните за кои постои интерес да бидат вдомени. Исто така, сметаат дека треба да се забрани да се чуваат кучиња постојано врзани на синџир или во бокс (без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс). Сметаат дека треба да се забранат и колењето и усмртувањето животни во ритуални обреди, надвор од кланиците.

– Согласно со европските најуспешни практики, предлагаме оданочување на оние што продаваат миленици и што неконтролирано ги размножуваат, оданочување на сопствениците што купиле миленик и го чуваат некастриран/нестерилизиран, а ослободување од данок за оние што ќе вдомат миленик, затоа што помагаат да се намали бројноста на бездомните животни во заедницата и привилегии за сите што ги стерилизираат сопствените миленици. Собраните средства од оданочувањето на невдомените неојаловени миленици да бидат наменети за заштита, лекување, стерилизација/кастрација на бездомните животни и субвенционирање на кастрациите/стерилизациите за сопствениците што ќе вдомат бездомно животно – потенцираат од „Анима мунди“.

Исто така, бараат активисти за правата на животните да ги управуваат стационарите секаде каде што е применливо, како што е случај со ЈП „Лајка“, кое испорачува повеќе од 230% зголемени и видливи резултати, волонтерски презема дополнителни обврски, работи транспарентно и хумано.