„Брат ѝ ја повикува кога ќе види нејзина слика“: Дедото на Данка Илиќ отворено за пеколот низ кој минува семејството по трагедијата

1046

„Кога внук ми гледа вести и ќе ја види нејзината слика на телевизија, плаче и вика: ‘Данка, Данка!’. Тогаш сите почнуваме да плачеме од болка“, вели Милан Илиќ, дедото на убиеното девојче Данка Илиќ (2) од Бор.

По телото на малата Данка Илиќ се трага повеќе од еден месец откако беше откриено дека Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ прво ја удирале со автомобил, а потоа ја убиле. Потресениот дедо вели дека немаат информации.

„Нѐ убива неизвесноста“
„Ние не знаеме ништо. Сите се надеваме на нешто, полицијата е тука, потрагата продолжува, како што нѐ информираа, ги нема во толкав број како што ги имаше. Исчекувањето нѐ убива сите, чекаме повик, но се плашиме. Нѐ убива оваа неизвесност, повиците од непознати броеви. Не знаеме кога ќе ја кренеме слушалката дали ќе слушнеме нешто добро или лошо“, вели Милан Илиќ.

Дедото на Данка Илиќ наведува дека родителите се трудат да бидат добро заради синот, но и бебето кое е на пат.

„Тие се обидуваат, но не им оди. Децата им праќаат пораки, им се закануваат, сешто преживеаа. Снаата е бремена, сите се надевавме на девојче поради целата оваа ситуација, но таа сепак носи момче. И јас се трудам да се ослободам од негативните мисли, но жена ми е сѐ уште болна, таа беше најпогодена од сето ова, има проблеми со срцето поради сѐ“, додава соговорникот на порталот Nova.rs.

Со автомобил ја удриле Данка и на брутален начин ја убиле
Да потсетиме, малата Данка Илиќ од Бор исчезна во вторникот на 26 март. Истрагата откри дека девојчето е убиено и тоа било соопштено на 4 април. Наводно било удрено од автомобил од страна на Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ. Несреќното девојче по ударот било живо, но било задавено.

Таткото и братот на Дејан Драгијевиќ се уапсени под сомнение дека помагале во делото. Далибор починал во притвор, додека на неговиот татко Раде му е одреден притвор.