ВО БИТОЛА ДВА ЧАСА АКТЕРИТЕ ИГРАА НА ПОДЛОГА ШТО СЕ НИШАШЕ, ПРИКАЖУВАЈЌИ ГИ МАКЕДОНСКОТО ДНО И БЕСПЕРСПЕКТИВНОСТА

    ВО БИТОЛА ДВА ЧАСА АКТЕРИТЕ ИГРАА НА ПОДЛОГА ШТО СЕ НИШАШЕ, ПРИКАЖУВАЈЌИ ГИ МАКЕДОНСКОТО ДНО И БЕСПЕРСПЕКТИВНОСТААктерскиот тим како еден сложен механизам ја остави душата на сцената. (Фото: С. Илковски)

    На дно кое постојано се ниша те горе, те долу, односно на работ на амбисот, маестрална сценграфија на Валентин Светозарев, петнаесетина актери од Народниот театар од Битола синоќа два часа ја играа премирата „На дното“ од Максим Горки, а во режија на Ќендрим Ријани. Покрај силната сценографија, подвижното дно, инфузионите раствори и кеси со крв, многу силна карика беше и актерската игра. Актерскиот тим како еден сложен механизам ја остави душата на сцената. Една брутална, силна, безмислосна и полна со енергија актерска игра која го отслика македонското дно и бесперспективноста на населението.

    Состојбата во државата беше отсликана преку болните луѓе и здравство. Пациенти пред умирање, зависници од таблети, алкохол и дрога, насилници, крадци, убијци. Но, и крвопијци кои ја користат безизлезноста на луѓето за да заработат пари. Од секоја агол искреше агонија, едниот го влечеше другиот кон дното, а излезот беше само илузија. „Пци се сите“, вели во својата реплика слепата Настија која ја играше Сандра Грибовска-Илиевска носејќи бели лејки на очите цели два часа.

    Што е дното, кажуваат актерките дури и на сон, додека крволочниот Михаил Иванов Костиљов кого го игра актерот Никола Пројчевски со електрик им свети во очите.

    Во претставата има брутална, силна, безмислосна и полна со енергија актерска игра која го отслика македонското дно и бесперспективноста на населението. (Фото: С. Илковски)

    „На дното сме зошто ги учиме децата да учат на факултети, а потоа да се изгубат во битката за вработувања со партиски книшки. На дното сме кога пет минути по операцијата на мајка ти лекарот ќе ти побара мито за истата операција за која веќе има земено плата. На дното сме кога глумиме од обврска, а не од задоволство. На дното сме кога ќе сфатиме дека не оставаме никаква иднина за нашите деца. На дното сме кога ги губиме најсаканиот зашто лекарите наместо со хемотерапија го лечеле со физиолошки раствор. Прабаба ми 12, баба ми 8, мајка ми 4, јас 2 деца, моите деца куче, куќето стерилизирано“, велеа актерите.

    Сонуваат да тргнат на Запад каде веруваат дека ќе се излекуваат, ќе работат, ќе бидат среќно вљубени. Но, правната држава за која сите сонуваат на крај ја нема. И се прераснува во убиства, самоубиства и пијаски за да се избега од суровата реалност.

    На крај актерот Иван Јерчиќ во улога на Сатин ја кажува познатата мисла на Горки „Човек колку гордо тоа звучи“, додавајќи дека сѐ е до човекот и сѐ останато е дело на неговите раце и мозок.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира