Циркус во Челси, кој да изведе пенал… Покетино: Следниот пат сите ќе ги извадам од игра

Во Челси ништо не може да биде „розово“ ниту кога тимот го гази противникот на теренот како што тоа беше случај во синоќешниот преубедлив триумф над Евертон.

При резултат 4-0 беше досуден нов пенал за „сините“, по што топката ја зеде Кол Палмер, кој веќе имаше постигнато хет-трик на натпреварот. Проблемите настанаа кога Николас Џексон и Нони Мадуеке влегоа во конфликт со Палмер, обидувајќи се да му ја земат топката за еден од нив да го изведе пеналот.

Тренерот Покетино не можеше да верува што гледа од своите избраници, за на крајот капитенот Конор Галагер да реагира и Палмер да остане со топката, постигнувајќи го својот четврти гол на мечот за водство од 5-0.

Покетино беше горд на избраниците на својот тим за убедливиот триумф, но и не го криеше разочарувањето по овој инцидент.

„Не можев да поверувам што гледам. Разговарав со сите фудбалери и јасно им ставив до знаење, Палмер ги шутира пеналите и тоа е правило од кое нема отстапување. Ако се повтори уште еднаш, сите ќе ги извадам од игра. Не се шегувам, сите ќе одат надвор“, истакна Покетино.

Се вчитува...