„Танцот како уметничка форма, преку своето изразување, ги надминува јазикот, културата и границите, допирајќи ги срцата и душите на луѓето ширум светот“, пишува, меѓу другото, примабалерината на Националната опера и балет, Сандра Мијалкова, во македонската порака во чест на 29 Април, Светскиот ден на танцот. Токму по овој повод, во Македонскиот народен театар, на 30 април, со почеток во 20 часот, ќе биде одржана и јубилејната претстава на фестивалот „Танц фест Скопје“

 

„Се обединуваме да ги прославиме длабоката убавина и трансформативната моќ на танцот како уметничка форма која, преку своето изразување ,ги надминува јазикот, културата и границите, допирајќи ги срцата и душите на луѓето ширум светот. Се обединуваме да ѝ оддадеме почит на извонредната уметност на движење на телото како длабок израз на човечката креативност, различноста и единството“, пишува, меѓу другото, примабалерината на Националната опера и балет, Сандра Мијалкова, потписничка на македонската порака во чест на 29 Април, Светскиот ден на танцот. Токму по овој повод, во Македонскиот народен театар на 30 април, со почеток во 20 часот, ќе биде одржана и јубилејната претстава на „Танц фест Скопје“, кој годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“.

Во рамките на јубилејната претстава ќе настапат младите танчари од студиото за танц „Бах“ од Струга, предводено од Тања Мојсовска-Бах, кое годинава прославува 30 години постоење, кое остави голем печат во развојот на танцовата уметност во Струга и пошироко и кое ја претставува домашната младинска современа танцова сцена на многу регионални и светски натпревари со голем успех.

„На сцената на Македонскиот театар ќе му биде доделена наградата ‘Менада’, за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност, на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет, кој остави неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет и кој активно работеше на сцената во периодот од 1961 до 1990 година, како долгогодишен првенец. Марин Црвенов е дел од генерацијата што ја зацврсти позицијата на македонскиот балет, остави огромно наследство и одговорност за следните генерации и ‘Танц фест Скопје’ со голем пиетет ја продолжува традицијата да се одбележат најдобрите во областа на танцовата уметност“, посочува Рисима Рисимкин, уметничка директорка на „Танц фест Скопје“.

По доделувањето на наградата, публиката ќе ги проследи кореографиите на Рисима Рисимкин, насловени „The Best Of“, кои го обиколија светот со голем успех и беа изведувани на сцените во Њујорк, Париз, Пекинг и др. Ќе видиме фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики)“, на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар – Анастасија Данчевска и „Идентитети – историја на еден растегнат сон“ на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар – Адријана Данчевска, Бобан Русески, примабалерината на Националната опера и балет Мими Попалексова-Атанасова, со танчарките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова. Овој дел на програмата ќе заврши со изведба на кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, а ќе настапат танчарите на Скопје танцовиот театар: Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, млади сили на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. Костимите за сите претстави се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на програмата, ќе следува претставата „Место. Многу посебно за неа“, на кореографката Адријана Данчевска. Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо ќе настапи и музичарот Гоце Наумов. Настапуваат танчарите на Скопје танцовиот театар: Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска, Сара Димовска и гостите од Националната опера и балет – Илиана Данилова и Наташа Трендафилова-Гицев. Програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, пак, по повод Светскиот ден на танцот посочи дека тоа е денот кога танцот се слави како моќ на човечкиот дух, на уметничкото творештво и на значењето на танцовата сцена во обликувањето на модерната уметност.

„Министерството за култура го потврдува својот придонес кон сцената и останува партнер во афирмацијата на македонскиот танцов идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека танцот како креативна универзална уметност ја одразува и ја промовира македонската култура која има значајна историја на танци низ чие постоење се рушеле предрасуди и ограничувања.

Таа изрази уверување дека заедничките проекти го унапредуваат културниот дијалог и ја носат слободата на уметноста. (Д.Т.)