Скопје
Герасимовски: Комерцијална банка ѝ донира имот на Општина Центар за изградба на јавна зелена површина
По барање на Општина Центар, Комерцијална банка донираше имот за изградба на јавна зелена површина за жителите на улица „Киро Крстевски Платник“, во близина на поликлиника Идадија.
„Упатувам благодарност до Комерцијална банка што преку оваа донација реши долгогодишен проблем во Општина Центар. Имотот кој општината го добива под владение, првенствено бил во приватна сопственост, а потоа станува имот на банката, како преземено средство врз основа на ненаплатени побарувања. Комерцијална банка е докажана институција со долгогодишна висока репутација и доверба во нашата држава и затоа со задоволство ја прифаќаме донацијата. Просторот ќе биде јавен за сите граѓани, а Центар ќе добие ново урбано зелено катче“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Имотот на кој се наоѓа руинираниот објект, пред се го нарушува изгледот на Општината во овој дел на Центар, а го попречува и пристапот на станарите до сопствените домови. Со оваа донација од страна на Комерцијална банка и преземање на објектот во владение на Општина Центар, се решава децениски проблем за жителите и партерно уредување на нов јавен простор.
„Целта на оваа донација е граѓаните да добијат мирно и зелено место за одмор, каде ќе уживаат во друштво на своите деца, внуци и пријатели. Во трката со секојдневните обврски, сите ние сакаме на момент да здивнеме, да ја почувствуваме убавината на зелената околина и да се забавуваме со најмилите. Ни претставува задоволство што им овозможивме на жителите на Општина Центар, во срцето на градот да добијат зелено катче“, изјави Илија Илоски, главен оперативен директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Општина Центар и во наредниот период ќе продолжи со активности и проекти што имаат цел да го подобрат урбаното живеење, а преку соработката со општествено одговорни компании како Комерцијална банка, ќе бидеме пример и поттик за позитивни општествени промени во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.