Нов сквер со футуристичка инсталација ќе го разубави платото пред Општина Центар

81

Нов сквер ќе го разубави платото пред Општина Центар. Станува збор за поставување комунална урбана, т.н. „урбан атрактор“на платото на аголот од улицата „Михаил Цоков “ и улицата „Орце Николов“ пред Општина Центар.

Оваа опрема има за цел да го збогати јавниот простор со урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, зеленило и паркинг за велосипеди. Градежните работи за ново планираната инсталација „урбан атрактор“ се започнати и тој ќе се протега на површина од 56 квадратни метри.

– Мило ми е што Дебар Маало добива ново урбано катче за граѓаните. Урбаниот елемент на новиот сквер ќе има модерна конструкција, а во неа ќе има урбана опрема за релаксација и одмор на граѓаните од секојдневието. Ова ќе биде простор каде што граѓаните ќе можат да се одморат, да се социјализираат или да ги паркираат своите велосипеди додека ги завршуваат обврските во околината. Верувам дека ова футуристичко урбано издание ќе го збогати Центар и ќе биде позитивно препознаено од граѓаните – вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

„Урбаниот атрактор“ Општина Центар го добива како донација од Стопанска банка. Истиот ќе биде осветлен и ќе има информативна табла за корисниците на овој урбан елемент.