Што ќе направи сега Шекеринска откако го разбра народот?

Македонски политичар, особено кога е на власт, тера само по свое уверување (понекогаш и на странско барање), мислењето на народот му е споредна работа. Така е и сега околу наметнувањето да се смени Уставот. Огромното мнозинство од македонските граѓани се против, ама власта ја тера процедурата. И не само што ја тера процедурата туку и вели дека оние кои се против владиниот став биле против ЕУ.

И сега, наеднаш, дојде изненадување: Радмила Шекеринска, поранешен лидер на владеачката СДСМ и поранешен министер за одбрана го разбирала народот. Вели: „Постојат луѓе, главно Македонци, кои се против уставните промени со цел да се внесат Бугарите во Уставот но кои не се против ЕУ. Тие се против оти кај нив постои страв дека тоа нема да биде крај на бугарските барања туку дека потоа ќе има нови барања и тој страв не е нереален“.

Што ја натера Шекеринска да погледне кој народот и неговиот став? 

Пораката на Шекеринска, која беше втор човек во партијата и во Владата кога се потпишуваше Договорот со пријателство и добрососедство со Бугарија во 2017 година, а која сега е потпретседателка на Партијата на европските социјалисти, практично е прв настап на некој политичар од владеачка елита која го признава стравот од нови бугарски условувања и по правењето на уставните промени.

На постоењето на таквата опасност, дека и по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе продолжат условувањата и уцентувањата со цел да се негира македонскиот идентитет, јазик, култура и да им се наметнат бугарски корени, долго предупредуваше јавноста. Тогаш Шекеринска што мислеше?

Македонската јавност пред да се усвои францускиот предлог побара Владата да се избори за гаранции од Брисел и од Софија дека по усвојувањето на уставните измени Бугарија нема да ги оспорува македонската јазична посебност, идентитет и историја, дека нема да има дополнителни пречки на нашиот пат кон ЕУ. Тогаш Шекеринска не виде реален страв и став?

Да, стравот од нови и нови условувања остана кај огромен дел од македонските граѓани, а кои отворено се противат на постојаното попуштање кое се прави од македонската страна во преговорите. Како во претходниот случај со Преспанскиот договор со Грција, така и сега со преговорите со Бугарија за кои условите се „спакувани“ во францускиот предлог кој и самите македонски владини функционери го оценија како неповолен за нас.

Постоењето на таков дел на граѓани кои сакаат интеграција на Македонија во ЕУ, но под достоинствен начин и услови кои биле применувани за сите останати земји, сега го откри и Шекеринска. Нејзините сопартијци од владините редови досега воопшто и не ги спомнуваа, а неретко и тие граѓани во нивните изјави и партиските престрелки со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се ставаа во редовите на „антиевропски“, „антизападен“, „антиЕУ“… фронт.

Добро е што Шекеринска отворено признава дека тие граѓани не може така да се етикетираат туку дека се работи за нивни стравувања коишто имаат реална основа. Но…

Сега, Шекеринска ќе дејствува ли некако за стравот кај граѓаните да се намали? Ќе бара ли од нејзината партија (а и таа сaмата) да се бори во Брисел за поправично однесување кон Македонија, за давање гаранции, за измени на францускиот предлог, за…? Или, и по овој настап, се ќе остане како и досега – ќе се покаже малку патриотизам и дека им е важно што мисли народот, ама ќе ги туркаат своите намери и уставните промени, оти им е поважно што мислат странците?

 

Претходна вестЛетечко такси започна со пробни летови за патниците
Следна вестШпанија, Франција и Бугарија се земји каде што туристите „веројатно ќе се разболат“!