Јубилејната претстава на Танц Фест Скопје ќе се изведе утре по повод Светскиот ден на танцот

Утревечер со почеток во 20 часот, ќе се одржи Јубилејната претстава на фестивалот Танц Фест Скопје, кој годинава се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“, која се изведува во чест на 29 април Светскиот ден на танцот.

Утре, ќе се прочита и македонската порака, чиј потписник годинава е примабалерината на Националната опера и балет Сандра Мијалкова. Во пораката, меѓудругото, таа нагласува: „се обединуваме да ја прославиме длабоката убавина и трансформативната моќ на танцот како уметничка форма која преку своето изразување ги надминува јазикот, културата и границите допирајќи ги срцата и душите на луѓето ширум светот. Се обединуваме да оддадеме почит на извонредната уметност на движење на телото како длабок израз на човечката креативност, различност и единство“.

Вечерта ќе настапат младите танчери од студиото за танц „Бах“ од Струга, предводено од Тања Мојсовска – Бах, кое годинава прославува 30 години постоење.

На сцената на Македонскиот театар ќе биде доделена Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет и кој активно делуваше на сцената во периодот од 1961 до 1990 година, како долгогодишен првенец.

По доделувањето на наградата, публиката ќе ги проследи кореографиите на Рисима Рисимкин, насловени како „The Best Of“, кои го обиколија светот, со голем успех и беа изведувани на сцените во Њујорк, Париз, Пекинг и др.

Ќе има фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики)“, на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Бобан Русески, прима балерината на Националната опера и балет Мими Попалексова-Атанасова, со танчерките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова.

Овој дел на програмата ќе заврши со изведба на кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, а ќе настапат танчерите на Скопје танцовиот театар Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, млади сили на Катедрата за современ танц при Универзитето „Гоце Делчев“. За сите претстави костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на вечерта, следи претставата „Место. Многу посебно за неа“ на кореографката Адријана Данчевска.

Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо ќе настапи и музичарот Гоце Наумов. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Стефани Шааршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска, Сара Димовска и гостите од Националната опера и балет Илиана Данилова и Наташа Трендафилова Гицев.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. Медиумски покровители се МРТВ, Радијата Антена5, Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.