Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече дека размислува за идејата да се направи нова компресорска станица, но старата да се зачува и да се користи како резерва во случаи и во иднина да се случи некој дефект
Избрана е фирмата што треба во рок од четири месеци да ги инсталира и монтира компресорските станици во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Оваа денеска го соопштија од Министерството за здравство (МЗ) посочувајќи дека „Винора“ ДООЛ Скопје, како единствена пријавена фирма е избрана како најповолен понудувач на вториот тендер за набавка, монтажа и пуштање во употреба на системот на компресорските станици.

„Договорот ќе биде потпишан во наредниот рок, согласно законските рокови“,
велат од МЗ.
Според условите во тендерската документација и објавениот оглас, опремата во хируршките сали треба да се постави и стави во употреба во рок од четири месеци сметано од денот на склучување на договорот.
Тоа, значи дека на почетокот на идната година операционите станици ќе добијат нови компресорски станици.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече оти се надева дека на почетокот на идната година ќе има нова компресорска станица во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје.
Пред новинарите рече дека размислува за идејата да се направи нова компресорска станица, но старата да се зачува и да се користи како резерва во случаи и во иднина да се случи некој дефект.
„Би сакал постоечките надворешни компресори да ги оставиме, да направиме уште една нова дополнителна станица. А, старата да ни стои како бекап, ако има дефект во едната, веднаш другата да ја вклучиме. Но, ако компанијата ги исполнува условите, останува да разговарам со нив, за да видиме како тоа можеме да го изведеме“,
рече тој.
Инаку, за потсетување, централниот систем за кислород и компримиран воздух во хируршките сали во Клиничкиот центар е надвор од функција од 18 мај поради непријатниот мирис што се ширел од него.
Неколку дена подоцна тогашната заменик-министерка за здравство Маја Манолева донесе наредба сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали да почнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух.