Американскиот Конгрес ја одобри помошта за Украина по месеците одложување

Големиот пакет странска воена помош лесно помина пред американскиот Конгрес доцна во вторникот по повеќемесечното одложување, отворајќи го патот за милијарди долари ново финансирање за Украина додека руските сили напредуваат а Киев предурпедува дека снема резерви во муниција, опрема и луѓе.

Сенатот гласаше со 79 наспроти 18 за да одобри четири нацрт-закони усвоени од Претставничкиот дом во саботата, откако републиканските лидери ненадејно го сменија курсот минатата седмица за да дозволат гласање за 95 милијарди долари главно воена помош за Украина, Израел и Тајван и американските индо-пацифички партнери, без повеќе да го условуваат тоа со издвојување за зајакнување на американската граница кон Мексико преку која изминатите години во САД влегоа милиони нелегални мигранти.

Четирите нацрт-закони беа комбинирани во еден пакет во Сенатот, кој претседателот Џо Бајден рече дека ќе го потпише во среда.

Најголемиот обезбедува 61 милијарда долари критично потребни средства за Украина; друг обезбедува 26 милијарди долари за Израел и хуманитарна помош за цивилите во конфликтните зони ширум светот, а третиот обезбедува 8,12 милијарди долари за „спротивставување на комунистичка Кина“ во Индо-пацификот.

Четвртиот, кој Претставничкиот дом го додаде во пакетот минатата седмица, вклучува потенцијална забрана за апликацијата за социјални медиуми, под контрола на Кина, TikTok, мерки за пренос на запленетите руски средства во Украина и нови санкции кон Иран.

Администрацијата на Бајден веќе подготвува пакет воена помош од милијарда долари за Украина, што е прв чекор во законот, изјавија двајца американски претставници за Reuters. Вклучува возила, противвоздушна муниција „Stinger“, дополнителна муниција за артилериски ракетни системи со висока подвижност, артилериска муниција од 155 мм, противтенковски муниции TOW и системи „Javelin“ и друго оружје што може веднаш да се користи на бојното поле.

Лидерите на демократите и републиканците во Сенатот оценија дека Конгресот со ова го „привлекол вниманието и го предупредил рускиот претседател Владимир Путин и другите странски противници дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина и другите странски партнери“.

„Овој нацрт-закон за национална безбедност е една од најважните мерки што Конгресот ги усвои во многу долго време за да ја заштити американската безбедност и безбедноста на западните демократии“, рече лидерот на демократското мнозинство Чак Шумер на прес-конференција по гласањето.

Пакетот помош може да биде последен одобрен за Украина до ноемвриските избори, кога двете партии се натпреваруваат за Белата куќа, Претставничкиот дом и една третина од Сенатот.

Голем дел од противењето на безбедносната помош во Претставничкиот дом и Сенатот дојде од републиканците тесно поврзани со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, скептик за помошта во Украина, кој ја нагласи политиката „Америка на прво место“ додека се кандидира за втор мандат, барајќи спречување на огромниот прилив нелегални мигранти во земјата.

Водачот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, силен поборник за помош на Украина, жали за доцнењето, главно поради приговорите на тврдокорните републиканци да се додаде помош на повеќе од 113 милијарди долари што Вашингтон му ги додели на Киев откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

„Мислам дека ставивме крај на изолационистичкото движење“, рече Мекконел на прес-конференција.

Дел од парите на Украина – 10 милијарди долари економска помош – доаѓаат во форма на заем, што го предложи Трамп. Но, законот му дозволува на претседателот да го прости заемот почнувајќи од 2026 година. Други 26 милијарди долари, одат директно во американскиот воено0индустриски сектор, за пополнување на американските резерви.

Приливот на оружје треба да ги подобри шансите на Киев да спречи голем притисок од руските сили на истокот, иако ќе беше покорисно доколку помошта пристигнеше поблиску до моментот кога Бајден ја побара минатата година, велат аналитичарите.

Шумер рече дека му испратил порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот вечерта, велејќи му: „Во ред, го направивме тоа. Сега оди и победи во борбата“.