Венецијанската комисија ја решава уставно-правната криза во Црна Гора
- Повеќемесечното несогласување меѓу власта и опозицијата во црногорскиот парламент ќе се реши откако Венецијанската комисија потврди дека ќе изготви мислење за уставно-правниот спор што настана откако Уставниот комитет на црногорскиот парламент утврди престанок на мандатот на дел од судиите на Уставниот суд, повикувајќи се на исполнување на условите за старосна пензија.

Подгорица, 8 април 2025 (МИА) - Повеќемесечното несогласување меѓу власта и опозицијата во црногорскиот парламент ќе се реши откако Венецијанската комисија потврди дека ќе изготви мислење за уставно-правниот спор што настана откако Уставниот комитет на црногорскиот парламент утврди престанок на мандатот на дел од судиите на Уставниот суд, повикувајќи се на исполнување на условите за старосна пензија.
Кон средината на декември, Уставниот комитет на Парламентот на Црна Гора изгласа заклучоци во кои се вели дека, поради исполнување на условите за пензионирање, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, им заврши мандатот на судиите на Уставниот суд Драгана Ѓурановиќ, Десанка Лопичиќ и Будимир Шќепановиќ.
На седницата на Собранието беше прогласен крај на мандатот на Ѓурановиќ.
Венецијанската комисија, според медиумите во Подгорица, официјално ја информирала Владата на Црна Гора дека „ќе подготви мислење за спорот од перспектива на меѓународните стандарди и компаративната пракса, но дека нема да го оценува поединечниот случај на судијката Драгана Ѓурановиќ и одлуката за нејзиното пензионирање“.
Претставници на оваа меѓународна институција најавија дека ќе дојдат во Подгорица за да разменат мислења со Владата на Црна Гора, парламентарното мнозинство и опозицијата, Уставниот суд и други. Најавено е мислењето да биде усвоено на пленарната седница на Венецијанската комисија на 13 и 14 јуни.
Постои можност за изготвување итно мислење, кое би било објавено пред пленарната седница, но тогаш не би имало можност за финални дискусии меѓу претставниците на Црна Гора и Венецијанската комисија пред усвојувањето на таквото мислење.
Црногорската влада на крајот на март испрати барање до Венецијанската комисија „во согласност со договорот меѓу претставниците на владејачкото мнозинство и опозицијата“. Двете страни бараат мислења, но и препораки за да се реши загриженоста.
Според Венецијанската комисија, владејачкото мнозинство не можело да се договори со опозицијата за прашањата за кои Врховниот суд треба да даде образложение, па се дошло до решение, прашања и ставови на опозицијата да се упатат до тоа тело.
Владејачкото мнозинство ја уверува комисијата дека се исполнети сите формални услови за престанок на судиската функција врз основа на Уставот и дека тоа се факти за кои не е потребно гласање или одлука на Уставниот суд.
Тврдат дека Уставната комисија на Собранието имала и право и обврска да реагира, согласно својата уставна обврска. Тие се убедени дека во вакви ситуации прашањето се третира согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, а не Законот за работни односи, како што тврдат дел од судиите и претставници на опозицијата.
Сепак, опозицијата смета дека Уставниот комитет ги пречекорил своите овластувања бидејќи „не ја чекал формалната одлука на Уставниот суд“, оценувајќи дека „одлуката на судот била обврзувачка“.
Уставноста во формална смисла подразбира дека одлуките ги носи надлежниот орган, кој во овој случај е исклучиво Уставниот суд на Црна Гора“, велат од опозицијата. мс/
фото: Парламент на Црна Гора