Доларот ослабе, цените на нафтата пораснаа

На девизните пазари во претпладневното тргување падна вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, претпладневно се движи околу 105,98 поени, откако во вторникот достигна 106,51 поени, највисоко ниво во последните пет ипол месеци.

Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се движи околу 154,30 јени, откако во вторникот го достигна највисокото ниво во последните 34 години, 154,79 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската за околу 0,5 отсто, па цената на еврото достигна 1,0665 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по остриот пад во претходните денови. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,30 отсто, на 87,55 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,19 отсто, на 82,85 долари.