Двојно поевтина струја за 235 прехранбени компании, се очекува намалување на цените и нови мерки за помош

Вкупно 235 прехранбени компании потпишале договор со ЕСМ Продажба за поевтина електрична енергија по фиксна цена од 80 евра по мегаватчас. Поевтина струја ќе добијат и 233 јавни основни и средни училишта и 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води. Од Владата очекуваат од 1 декември цените на прехранбените производи да се намалат. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека се подготвуваат и нови мерки за поддршка на граѓаните, микро и малите претпријатија кои се очекува да почнат да се применуваат од наредниот месец откако ќе бидат одобрени од Европската комисија.

57

Субвенционирана струја ќе добијат вкупно 518 нови потрошувачи од кои 235 компании од прехранбениот сектор, 233 јавни основни и средни училишта и 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води. Овие компании аплицирале заклучно со вчера, кога истече рокот, за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември. Согласно одлуката на Владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на  водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

-За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку ЕСМ продажба од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории на потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја. Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи до вчера, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот додаде дека со оваа мерка очекува сите овие компании да ги намалат цените на своите прехрамбени производи.

Министерот за економија Крешник бектеши рече дека тоа е двојно поевтина цена за компаниите од цените на регулираниот пазар.

Според Бектеши растот на цените на прехранбените производи е условен од растот на цените на меѓународните берзи, а особено на суровото масло и на житарките. Тој очекува во наредниот период и цените на суровините на берзите да се стаблизираат, што ќе влијае на поголемо намалување на цените на храната.

-Минатата недела имавме средба со производителите при што беше констатирано дека кај некој повисоко учество има увозната компонента, а кај други електричната енергија. Се прават нови пресметки и се очекува побрза корекција на цените кај оние компании кај кои електричната енергија има поголемо учество во вкупните трошоци, вели Бектеши.

Тој очекува намалувањето да биде минимум од 10 отсто, што е реално согласно анализите на Министерството за економија и согласно одлуката за ограничени маржи која се уште е на сила. Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе врши дополнителни контроли на цените.

Министерот Бектеши најави дека се подготвуваат и нови мерки за поддршка на граѓаните, микро и малите претпријатија кои се очекува да почнат да се применуваат од наредниот месец откако ќе бидат одобрени од Европската комисија.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека се прават анализи за тоа колкава ќе биде потрошувачката на овие три категории кои ќе добијат субвенционирана струја од 1 декември.

-За дополнителните субјекти кои досега се снабдуваа со електрична енергија на слободниот пазар ќе треба да се изврши и дополнителна набавка на електрична енергија. За набавка на оваа електрична енергија парите се обезбедени од буџетот на Владата кој  наменет за справување со енергетската криза, изјави Ковачевски.

Ковачевски, објави дека само во месец ноември државните електрани купиле увозна електрична енергија за покривање на недостатоците во вредност од 19,6 милиони евра. Количините на купената електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи биле повеќе од предвидениот план.

– Набавките кои што се спроведиа во ноември месец , од планираните 72.000 мегаватчасови, набавени се 82.150 мегаватчасови. Вкупниот износ на сите набавки е 19,6 милиони евра, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека големи недостатоци се јавиле поради тоа што во изминатиот период ЕСМ превзел обврска да ги снабдува со електрична енергија болниците и некои клучни министерства.

(А.С.)