Вести Свет

Претседателка на Европската комисија Фондерлајн на суд поради случајот ,,Фајзергејт”

Судот во белгискиот град Лиеж закажа рочиште на 17 мај оваа година. Во негови рамки предвидено е да се одржи сослушување за истрагата која се води во врска со нелегалните набавки за вакцини против вирусот Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ од страна на ЕУ.

Во медиумите случајот „Фајзергејт“, се поврзува со актуелната претседателка на Европската комисија, но и главна фаворитка за реизбор на истата.

Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година, објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор преку мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Врз основа на овие наводи, белгискиот активист и лобист специјализиран за трговски односи Фредерик Балдан, лани во април поднесе тужба против Фон дер Лајен, пред Судот во Лиеж обвинувајќи ја за „злоупотреба на функцијата и звањето“, „уништување на јавни документи“ и „незаконско богатење и корупција“.

Дополнително кон тужбата се приклучија и десетина организации и поединци, но и две земји членки на ЕУ – Унгарија и Полска, кои во тоа време беа во спор со Фон дер Лајен, поради одлуката на Европската комисија да ја замрзне исплатата на средства од еврофондовите за нив.

Истрагата веднаш ја презеде Европското јавно обвинителство со образложение дека во негова надлежност се „нанесувањето штета на буџетот на ЕУ, процеси кои веројатно ќе влијаат на угледот на институциите на ЕУ и довербата на граѓаните“.

Спротивно е мислењето на белгиски истражен судија, кој смета дека случајот треба да остане во надлежност на Јавното обвинителство на Белгија, па со тоа и иницираше паралелна истрага по наводите на национално ниво.

Согласно правилата на ЕУ, во случај на судски спор на институција на Унијата со земја членка „За одредување на јурисдикцијата треба да одлучат надлежните национални органи“.

Тоа во конкретниот случај значи дека Судот во Лиеж ќе треба да одлучи во чија надлежност ќе биде истрагата во понатамошната постапка на ЕППО или белгиското Јавно обвинителство. Се очекува на сослушувањето двете страни да изнесат аргументира која од нив треба да биде надлежна за истрагата. По ова, Судот ќе треба да оцени која од двете истраги е законска и треба да продолжи, а која треба да биде прекината.

Сослушувањето во Судот во Лиеж доаѓа на 20-тина дена пред изборите за членови на Европскиот парламент, на кои Фон дер Лајен е т.н. „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), односно кандидат за втор мандат на чело на Еврокомисијата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стабилна состојба, но сериозна – словачкиот премиер Фицо е на интензивна нега по обидот за атентат и петчасовната операција

Дејан Дејан

Прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за новата влада

Дејан Дејан

До Управниот стигнала една тужба од ВРЕДИ, ДУИ поднесе тужби за сите седум избирачки места

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе