Ружа Игнатова, Бугарката која себе си се нарекуваше крипто-кралица денес е меѓу најбараните бегалци на ФБИ, заедно со водачите на банди и убијците, и е единствената жена во моментов на таа листа.

Од 529 бегалци кои се појавија на таа листа од 1950 година, кога ФБИ почна да ја објавува, таа е една од само 11-те жени.

Во јуни 2016 година, Игнатова на блескавата сцена во Лондон ја рекламираше својата компанија OneCoin како профитабилен ривал на Bitcoin на растечкиот пазар на криптовалути.

„За две години никој повеќе нема да зборува за Биткоин“, велеше Ружа, додека инвеститорите ракоплескаа и свиркаа.

Шеснаесет месеци подоцна, Игнатова се качи на авион во Софија, Бугарија и исчезна. Оттогаш никој не ја видел.

Властите велат дека OneCoin била пирамидална шема која ги измамила луѓето за повеќе од четири милијарди долари. Игнатова ги убеди инвеститорите во САД и ширум светот да вложат многу пари во нејзината компанија. Федералните обвинители го опишуваат OneCoin како една од најголемите меѓународни измами некогаш извршени.

„Игнатова и нејзините партнери ги измамиле жртвите за милијарди долари тврдејќи дека OneCoin ќе биде „убиец на биткоинот“. Всушност, OneCoins беа целосно безвредни. Нивните лаги беа дизајнирани со една цел, да ги натераат обичните луѓе ширум светот да им ги предадат нивните тешко заработени пари“, вели њујоршкиот јавен обвинител Демијан Вилијамс.

Откако Игнатова исчезна во октомври 2017 година, нејзиното лице беше прикажано на веб-страницата на ФБИ како една од најбараните бегалци во Европа.

На дното на нејзината потерница има белешка: „Се верува дека Игнатова патува со вооружени чувари и/или соработници. Игнатова можеби имала пластична операција или на друг начин го променила својот изглед“.

Судските документи откриваат запрепастувачка приказна – Игнатова и нејзиниот партнер и ко-основачот на OneCoin, Карл Себастијан Гринвуд, ја основале OneCoin со единствена цел да ги измамат инвеститорите.

Документите покажуваат дека Гринвуд ги опишал своите инвеститори како „идиоти“ и „лудаци“ во електронска порака до братот на Ружа, Константин Игнатов, кој исто така учествувал во измамата и го презел OneCoin откако неговата сестра исчезнала.

Која е Ружа Игнатова?

Ружа Игнатова (42) е германска државјанка, но е родена во Бугарија, каде татко и бил инженер, а мајка и учителка. Во својата книга „Исчезнатата крипто кралица“, авторот Џејми Бартлет го опишува нејзиниот подем од скромните почетоци до претприемачка ѕвезда.

 

Кога била девојче, нејзиното семејство се преселило во Германија, каде Игнатова се истакнала како студентка и слободното време го поминувала учејќи и играјќи шах, пишува Бартлет.

Игнатова добила стипендија на универзитетот во Констанц, Германија, каде што го запознала и својот сопург, нејзин колега на правните студии. Во книгата за бугарската крипто-крализа, Бартлет пишува дека таа не сакала да има деца, бидејќи тие ќе ја попречат да заработи богатство. Игнатова често им кажувала на луѓето дека сака да стане милионерка до својата 30-та година.

Откако дипломирала европско право на Универзитетот во Оксфорд, Игнатова се вработила во Софија како консултант за МекКинси и Компани, меѓународна консултантска фирма за менаџмент.

„Клиентите и веруваа и ја поврзуваа со нејзиниот подем, скромните почетоци и  желбата да биде богата. Нејзиното течно познавање на јазиците, вклучувајќи руски, германски, англиски и бугарски, исто така и беше од полза“, напиша Бартлет.

Изгледот и бил важен на Игнатова, која често доаѓала на важните настани облечена во вечерни фустани, со светло црвен кармин и дијамантски обетки.

“Сè зрачеше со успех и гламур. Таа беше опседната со стил и имиџ”, пишува Бартлет.

Криптовалутите како Биткоин се дигитални средства управувани од глобална, децентрализирана мрежа на компјутери наместо банка или влада. Биткоинот, на пример, го создаваат професионални криптоминери кои користат сервери во центрите за податоци.

Тоа е главно нерегулирана и многу нестабилна индустрија, а експертите се поделени околу одржливоста на криптовалутите. Застапниците на криптовалутите замислуваат иднина каде што економиите ќе се засноваат на дигитални валути кои се вреднуваат од заедница на корисници, а не од централна банка. Критичарите ги отфрлаат како измамничка шема или, во најмала рака, многу ризична инвестиција.

Во 2014 година, Игнатова и Гринвуд почнале да нудат OneCoin на инвеститори во Европа, САД и низ целиот свет. Тие организирале онлајн вебинари и конференции на кои ги поканувале потенцијалните инвеститори да депонираат средства на сметка што ќе овозможи купување на пакети OneCoin, се вели во обвинението.

OneCoin функционирала како маркетинг мрежа на повеќе нивоа во која инвеститорите добивале провизии за регрутирање други за купување пакети криптовалути. Пакетите носеле различни нивоа на приход, од „почетник“ до „трговец-тајкун“, појаснуваат американските обвинители.

Според судските документи, Игнатова и нејзините партнери на купувачите им ветувале петкратен или дури десеткратен поврат на инвестицијата. Тоа било добра реклама и предизвикало голем интерес.

Само помеѓу четвртиот квартал од 2014 година и четвртиот квартал од 2016 година, инвеститорите му дале на OneCoin повеќе од четири милијарди долари, соопштија федералните обвинители.

Околу 50 милиони долари дошле од американски инвеститори, покажуваат судските документи. Игнатова успешно маневрирала со инвеститорите. Вредноста на OneCoin не се засновала на понудата и побарувачката на пазарот како кај другите криптовалути, туку едноставно била приватно манипулирана од самиот OneCoin, истакнуваат американските обвинители.

Но, целиот систем почнал да се руши во 2016 година, кога инвеститорите имале потешкотии да ги продадат своите OneCoins за да ги вратат нивните оригинални инвестиции, се вели во судските документи. На интернет почнала да се шири веста дека зделката е измама. Медиумите почнаа да поставуваат прашања, а во целиот случај набрзо се вклучуваат и меѓународни и американски федерални истражители.

Во октомври 2017 година, американското Министерство за правда ја обвини Игнатова за измама, заговор, измама со хартии од вредност и заговор за перење пари, од кои секоја предвидува максимална казна од 20 години затвор. Таа беше обвинета и за измама со хартии од вредност, која предвидува максимална казна од пет години. Федерален судија во Њујорк издаде налог за нејзино апсење.

Но, бугарската крипто-кралица успева да и им избега на властите. На 25 октомври 2017 година, таа се качува на комерцијален лет од Софија до Атина и оттука и се губи секоја трага. Игнатова исчезнува и ги остава нејзините деловни партнери да ја сносат одговорноста за пропаднатата компанијата.

ФБИ соопшти дека верува дека таа патувала со германски пасош од Атина, веројатно во Обединетите Арапски Емирати, Германија, Русија, Источна Европа или дури и назад во Бугарија. Од ФБИ нудат награда од 100.000 долари за информација што ќе доведе до нејзино апсење.

Нејзините партнери немале толку среќа. Гринвуд беше уапсен во јули 2018 година во неговиот дом во Кох Самуи, Тајланд и екстрадиран во САД. Во декември, тој се изјасни за виновен за измама, заговор за извршување измама и заговор за извршување на перење пари. Тој е во притвор и се соочува со 20 години затвор по секоја од трите точки.

Братот на Игнатова, Константин Игнатов, беше уапсен во март 2019 година на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес. Тој патувал во САД службено и требало да се качи на повратен лет за Бугарија кога бил уапсен и потоа испрашуван за неговата исчезната сестра, напиша Бартлет.

Игнатов ја признал вината и казната треба да биде изречена во февруари годинава. OneCoin се исклучи и неговата веб-страница веќе не е активна.

Но, нејзиниот основач, жената во долги фустани и блескав накит, им побегна на властите. Повеќе од пет години откако крипто-кралицата излезе од авион во Грција, нејзината локација останува мистерија.