Илон Маск во Пекинг на разговори за воведувањето софтвер за целосно автономно возење

22
EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Сопственикот на „Тесла“, „Спејс Х“ и на социјалната мрежа „X“ Илон Маск, кој е еден од најбогатите луѓе во светот, пристигна денеска во Пекинг за да се сретне со високи кинески претставници за да разговараат за воведувањето софтвер за целосно автономно возење (FSD), изјавија два извори за Ројтерс. Изворите додаваат дека Маск ќе бара одобрение за пренос на податоците собрани во Кина во странство за да го подобри алгоритмот.

„Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, пристигна во Пекинг попладнево на покана на Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија“, објави кинеската централна телевизија.

Посетата не беше однапред најавена.

Тесла, на барање на кинеските регулатори, ги чува сите податоци собрани од возилата во Кина во Шангај од 2021 година. Американскиот производител на електрични возила го претстави FSD пред четири години, но и покрај барањата на клиентите, тој сè уште не е достапен во Кина. Тесла продаде повеќе од 1,7 милиони возила во Кина откако влезе на пазарот пред 10 години.

Кина е втор по големина пазар на Тесла на глобално ниво, а фабриката во Шангај е најголема на компанијата. Посетата на Маск на Кина се совпаѓа со изложбата на автомобили во Пекинг, каде Тесла за последен пат ќе ги прикаже своите модели од 2021 година.

Тесла на почетокот на овој месец објави дека ќе отпушти 10 отсто од своите вработени поради падот на продажбата и конкурентните цени на електричните возила. Минатата недела, Тесла го пријави својот прв пад на кварталните приходи од 2020 година, кога пандемијата Ковид-19 го забави производството и испораките.