Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Младите автори во земјава си имаат своја верна публика, ослободени се од суета и завист, и самите автори се поддржуваат и се читаат меѓусебе и се надевам дека ќе продолжат со овој позитивен пример за генерациите што следуваат по нив, додека ни држат лекција како треба нам повозрасните, вели македонска писателка Јулијана Величковска

Фото: Мета.мк

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на издавачите ширум светот.

Датумот 23 април бил избран од УНЕСКО уште во 1995 година за да се оддаде почит на некои од најголемите имиња во историјата на литературата како Вилијам Шекспир, Мигел де Сервантес и Гарсиласо де ла Вега, кои починале на 23 април. На овој начин се нагласува нивниот придонес во литературната сфера и се промовира читањето на пошироката публика.

По ковид-19 пандемијата и промовирањето книги на социјалните мрежи, во земјава се забележува зголемен број на преведени книги и поголем ентузијазам за читање на книги.

Паралелно со ова, се појавува и поголема поддршка за македонски автори, а по повод Меѓународниот ден на книгата, Мета.мк поразговара со две македонски писателки, Верица Митева и Јулијана Величковска, во однос на предизвиците со кои се соочуваат нашите автори, поддршката што ја добиваат и влијанието на социјалните мрежи врз литературата.

Олеснети се околностите за издавање книги  

Верица Митева, авторка на романите „Ја мразам мајка ми“, „Нечесна игра“ и „Во војната и љубовта“, потврдува дека во последните неколку години околностите за издавање на книги се олеснети за разлика од претходно.

Верица Митева / Фото: Лична архива

„Јас имав среќа да ми успее првиот обид да ја издадам мојата прва книга, иако воопшто немав надеж кога ја испратив“, кажува таа.

Таа забележува дека младите во последните години сè повеќе читаат македонски автори, а организирањето на саеми, книжевни настани и промоции се ефективни начини за да им се промовира читањето.

„Поддршка има. Мислам дека сè повеќе луѓето ги читаат македонските писатели, за што ми е посебно драго“, вели Митрева.

Величковска: Изостанува поддршката од Министерството за култура

Јулијана Величковска која е основач на издавачката куќа ПНВ Публикации, и е позната по дела како стихозбирката „Комарци“ и романот „Годишни времиња“, вели дека иако издавањето книга не е тешко, тешко е да се има финансиски бенефит од делото. Нагласува и дека поддршката за домашни автори од страна на читателите расте, но од страна на Mинистерството за култура, стагнира, па дури и назадува.

Јулијана Величковска / Фото: Сашо Димоски, преземена со дозвола

„Хонорарите предвидени за книгите, односно буџетот за издавачката дејност е најмал од ионака малиот процент издвоен за култура. Поддршката за младите автори, пак, е само дел од политичките говори и кампањи, ја личи убаво и на листата наводни приоритети на конкурсите, но реалноста е дека неверојатно мал број млади автори добиваат поддршка за издавање на нивните први книги, дури и ако тие биле претходно наградени на некои значајни конкурси и фестивали како што се „Струшките вечери на поезијата“ или „Антево перо“. Таков беше случајот со нашите тројца млади автори со чии книги аплициравме на последниот конкурс, и ниту еден од нив не беше поддржан“, смета Величковска.

Младите македонски автори имаат своја верна публика

Во однос на тоа како и колку социјалните мрежи влијаат на читањето книги,  Јулијана вели дека социјалните мрежи може да бидат многу корисни поради достапните содржини што можат да им помогнат на младите да научат, да се информираат за нови или за стари книги и за културните настани кои се многубројни во Скопје, но и во другите градови.

Фото: Мета.мк

„Особено ме радува што денешните генерации млади се поддржуваат меѓусебе, се организираат формално или неформално и дејствуваат. И токму со помош на социјалните мрежи успеваат да се поврзат и да ја споделат нивната порака. Младите денес не чекаат ние возрасните или државата да направи нешто за нив, тие се полетни, умни и способни, па самите го создаваат тоа што им недостига и таа нивна карактеристика ме прави оптимист дека следуваат подобри времиња за македонската книжевност и култура воопшто“, објаснува таа.

Верица, пак, вели дека социјалните мрежи дефинитивно имаат големо влијание врз младите, а дека следењето на одредени содржини може и да ги мотивира да читаат повеќе.

„Колку би ги мотивирале младите за читање зависи од содржините кои ги следат, ама мислам дека можат да влијаат посебно читачките групи“, вели Митева за Мета.мк.

Митева ги советува оние кои имаат желба за пишување да продолжат со пишување без разлика дали ќе издадат нешто или не, а со неа се согласува и Величковска, која вели дека писателите не треба да се откажат од нивното дело.

Величковска потенцира дека и покрај кревката поддршка од институциите книжевната сцена е жива и активна.

Според неа, можат да се најдат и алтернативни начини за делата да го видат светлото на денот и да стигнат до своите читатели, а впрочем така – со снаоѓање, туркаат сите помали издавачи и некои автори кои одлучуваат нивните книги да се објават како самостојни изданија.

„Младите автори во земјава си имаат своја верна публика, ослободени се од суета и завист, и самите автори се поддржуваат и се читаат меѓусебе и се надевам дека ќе продолжат со овој позитивен пример за генерациите што следуваат по нив, додека ни држат лекција како треба нам повозрасните“, смета Величковска.

Инаку, под слоганот „Приказна се чита“, утре завршува годинешното издание на Саемот на книга кој се одржува од 18 до 24 април во Арената Борис Трајковски во Скопје.

Фото: Мета.мк

Практично сите издавачи и автори од Македонија ги претставија своите дела пред посетителите, а саемот беше надополнет и со повеќе издавачи од регионот,
како Србија, Турција, Албанија, Косово и други.

Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (eng. story = приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги.

„На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време“, стоеше во најавата од организаторите, кои сметаат дека внимателно избраната комуникација со носечката порака има за цел да го привлече вниманието на помладата популација и да го „сруши“ митот дека социјалните мрежи се користат исклучително за негативни работи.