Охридските 12 часа

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Поволна околност е тоа што спроти типичното балканско политикантство, чии протагонисти се Вучиќ и Курти, стои студениот прагматизам на Западот.

Една атрактивна локација, три балкански држави и три посебни народи.

Со спогодбата од Охрид, во август 2001 година, заврши оружениот судир на Националната ослободителна армија на македонските Албанци и македонските сили на редот, а дали езерското летувалиште ќе остане запаметено и како место во кое е сторен уште еден решавачки пробив кон сеопфатната нормализација на односите на Србите и на Албанците две децении по нивниот конфликт и 15 години по прогласувањето на косовската независност?

Извесно е дека европско-американската дипломатска машинерија забревта и дека нема намера да го забави моментот. По двостраната согласност на нова преговарачка рамка во Брисел, Србија и Косово се согласија во Охрид и за анексот на планот за спроведување. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел се жалеше зашто немало согласност за „поамбициозен и подетален“ европски план, но точката 10 од тој план е јасна: „Страните ја потврдуваат својата обврска да ги спроведат сите претходни договори во дијалогот, кои остануваат валидни и обврзувачки“. Тоа што во преговарачката рамка се уфрлени казни за оние што не ги исполнуваат обврските доволно говори за цврстината на ставот на западните посредници.

Александар Вучиќ и Албин Курти се поставени на колосек и главно им е скратен пристапот до сопирачките на возот со кој Србија и Косово, во одвоени вагони, би требало да ги донесе до средиштето на Европската Унија. Нема повеќе премногу простор за игри за интерпретацијата и имплементацијата, кои досега однесоа многу време. На Западот му се брза повеќе отколку на директните актери на конфликтот.

Дали е успех охридската согласност, остварена по 12 часа преговарање и исто толку корекции на завршниот текст, или е неуспех бидејќи нема потпишана спогодба? Немам дилема дека станува збор за напредок, а само наивните може да мислат дека по состаноците во Брисел и во Охрид може да бидат прецизирани сите дипломатски финеси на завршната спогодба.

Претседателот на Србија и премиерот на Косово имаат уште многу судрени ставови што треба да се полираат за да се исполни аксиомот на успехот: тие мора да изгледаат како победници пред своите јавности. Така се конципирани и нивните интерпретации на Охрид.

Курти гради позиција на тврд националист, а Вучиќ својата се обидува да ја разгради. Курти бара потпис и вели дека станува збор за де факто признавање на Србија и на Косово, Вучиќ возвраќа дека сака нормализација без потпис на спогодбата со Косово, чија независност не ја признава.

Вучиќ се претставува себеси како победник на темата Заедница на српски општини, иако тукушто следуваат измените на мерилата од поглавјето 35, кое ќе ги дефинира новите обврски што произлегуваат од европскиот план и од неговиот анекс. Тој изјави дека Србија добила повеќе отколку што очекувала, можеби и затоа што косовскиот премиер сѐ повеќе ги иритира западните сојузници, па српскиот претседател на тоа создава одредена предност.

Таа изјава се заснова на барањето од анексот на спогодбата Приштина веднаш да тргне во формирање „некаков облик на самоуправување“ за косовските Срби. Претседателот е горд поради тоа што сѐ мора да биде во склад со договорот постигнат во процесот на дијалогот – бриселските спогодби од 2013 и од 2015 година. Како успех на српските преговарачи може да се вкнижи и дека нема спомнување на косовскиот Устав ниту на пресуди на Уставниот суд во Приштина, како што бараше Курти, но тоа е проследено со очекување Србите да се вратат во косовските институции. Купено е нешто време, но не премногу. Србите од Косово се претворени во неми посматрачи и мора да бидат подиректно вклучени во новите фази од спроведувањето.

За да успеат преговорите, не е време за триумфализам додека уште се одвиваат, но спомнувањето „победа“ и „пораз“, за жал, е изнудено. Ако Вучиќ е во нешто поповолна позиција од Курти во однос на Западот, во исто време е во потешка во соочувањето со сопствената јавност.

Претседателот на Србија трпи многу поголеми внатрешни притисоци од премиерот на Косово. Десната, антиевропска, проруска и националистичка опозиција организира митинзи, чиј број учесници не е за занемарување. Десничарската власт на СНС колосално придонесе за пренасочување на Србија кон десно и кон Русија, но може да се очекува претседателот да добие поддршка од граѓанистите, кои го отворија процесот на преговори во врска со Косово.

Проевропската опозиција сега е против дијалогот – само поради тоа што го води Вучиќ. Наместо да го бараат аргументот во фактот дека претседателот, истиот оној што во своите радикалски времиња се противеше на преговорите за „најскапиот српски збор“, сега дојде на нивната позиција, тие по секоја цена сакаат да бидат антипротивни. Самите на себе си отвораат пат во политички банкрот, и тоа во време кога десницата е во налет. Нелогично, па дури и неразумно.

Поволна околност е тоа што наспроти типичното балканско политиканство, чии протагонисти се Вучиќ и Курти, стои студениот прагматизам на Западот. Европејците од сега одвоено ќе следат како двете страни го спроведуваат договореното. Нема повеќе пакет аранжмани. Ако ги исполни обврските од планот за нормализација, Србија може да напредува кон ЕУ, а Косово да назадува ако не ги исполнува. И обратното.

Не се крие во заднина „некој трик“, како што Вучиќ ја предупредува јавноста за да се претстави себеси како будно око на браникот на двете „црвени линии“: нема меѓусебно признавање и нема согласност од Србија за членство на Косово во Обединетите нации. Претседателот вели дека во Охрид не му било посебно тешко, но дека во претстојниот период ќе му биде потешко. И ќе му биде. Западот без да трепне премина преку црвената линија на Курти за ЗСО, што Белград секако го радува, но Вучиќ мора да биде свесен дека истото ќе се случи барем со една негова црвена граница: членство на Косово во ОН. Тој се согласи со точката 4 од европскиот план во која јасно се наведува дека Србија нема да го спречува членството на Косово во меѓународните организации. Тоа, според здрава логика, ги подразбира и Обединетите нации, иако може и без директна согласност од Белград, без потпис.

Дипломатијата е чудо. Вештината некој да ве испрати по ѓаволите, а вие едвај да чекате да тргнете.

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот