Анчелоти: Ако не свирнеше судијата, Баерн немаше да даде гол… и ние имаме за што да се жалиме

Карло Анчелоти беше еуфоричен во прославата на победата на својот тим над Баерн Минхен, со која Реал стигна до ново финале во Лигата на Шампионите.

„Кралевите“ делуваа како да се на колена губејќи со 0-1 до 89. минута, но потоа со два гола во следните три минути направјиа целосен пресврт.

„Повторно се случи истото. Ова е неверојатен стадион, играчи кои не престануваат да веруваат во себе, навистина има нешто магично. Имавме контрола во долги периоди, а потоа примивме гол. Покажавме сила да не ги загубиме главите, да продолжиме да работиме напорно и таквиот пристап ни ја донесе победата“, изјави Анчелоти.

Тој се осврна и на поплаките од Баерн Минхен поради поништениот гол на Де Лихт и прерано досудениот непостоечки офсајд од полскиот помошен судија.

„Всушност е многу едноставно. Судијата свирна, нашите фудбалери застанаа, а Баерн даде гол. Ако немаше свирење, акцијата ќе продолжеше и тие немаше да имаат таква завршница бидејќи нашата одбрана ќе беше на висина на задачата. Баерн се жали на судењето? Па и ние го можеме истото, затоа што Кимих изглуми прекршок при голот на Начо што ни беше поништен“, истакна Карло Анчелоти.

Се вчитува...