Македонија
Силјановска-Давкова: Ако бев претседателка, сега ќе протестирав и марширав со специјализантите
Сите ние, седумтемина претседателските кандидати, напишавме убави текстови за поддршка на специјализантите. Што се случи? Нели е сега министер за здравство некој од актуелната власт? Нели има кандидати за пратеници што се лекари? Зарем уште еднаш ќе дозволиме оние кои едвај ги чекаат надвор како непроценлив македонски подарок, лекари, млади специјализанти, да си заминат?“, праша претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова во Гевгелија.
„Не. ,Што ќе направев јас ако бев во моментов претседателка? Ќе протестирав и ќе марширав со нив! И тоа ќе го правам! Со сите ранливи категории, секогаш кога ќе сакам да ја разбудам свеста! Не за да се правам важна или млада, туку за да покажам дека оние на клучните функции се таму заради заштита на јавниот интерес и јавното добро. А јавното добро мора да создава јавна вредност. Тие, специјализантите, создаваат непроценлива јавна вредност! Ги штитат нашите животи! Прават се што прават и другите лекари. Ама токму тие не уживаат здравствена и социјална заштита. Па, каква е таа социјална држава и каква е таа социјалдемократија што не води сметка за оние кои ни се најпотребни?“, кажа таа.
„Оти ние веќе се откажуваме од лекарите. А јас велам, одличен би бил еден здравствен туризам. Денеска сретнав еден професор од Оксфорд, мој пријател. Ми вели дека меѓудругото, доаѓа овде исто така и заради тоа што има одлични лекари во „8-ми Септември“. Просто, не верував. Сега замислете, ние да се откажеме од она што го вложила Македонија во овие луѓе и да им речеме: – Заминете си. Не! Останете уште малку, ве молам! Истрпете уште малку! Бидете убедени дека ништо нема да биде како досега по старо! Се ќе биде ново! Секаде каде што сум била, сум правела промени! Ќе правам и како претседателка“, порача Силјановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова: Забрзана ЕУ интеграција е клучот за иднината на Македонија
Придобивките од членството во ЕУ, значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократски стандарди останува врвен приоритет за партијата, рече претседателката на Либерално – демократската партија Моника Зајкова во рамките на панел дискусијата „ЕУ Интеграции – Кој е следниот чекор?“ организирана од Либерален институт – Скопје.
Покрај Зајкова говорник на панел дискусијата беше и Бо Мандеруп Јенсен од Данска, искусен политичар со работа во институциите на ЕУ, а моментално е претседател на Бордот на директори на данската програма за либерална демократија.
Зајкова во своето излагање, посочи дека ЛДП е континуиран поддржувач на забрзаната европска интеграција на Македонија. Таа истакна дека државата е веќе длабоко вкоренета во процесот на приближување кон ЕУ.
-Соочени сме со бројни предизвици, вклучувајќи ја и потребата за значителни реформи во јавната администрација и правосудството, а државата треба да се фокусира и на имплементација на 40 препораки од ОБСЕ и ЕУ, кои новата влада треба да ги усвои и спроведе, рече Зајкова.
Како што посочи, соработката со либералите во ЕУ е клучна за напредокот на Македонија.
Мандеруп Јенсен во својот говор сподели детали од историјата на Данска и нејзините дебати околу членството во ЕУ, кои траеле долги 15 години.
-Процесот на интеграција во ЕУ е сложен и бара исполнување на 35 поглавја, но тоа е предизвик кој носи многу придобивки за вашата земја, истакна тој.
Според него, инвестирањето во ЕУ членство носи многу повеќе корист отколку загуба, објаснувајќи дека иако Данска не е дел од еврозоната и сè уште ја користи својата валута, таа има солидна монетарна независност.
ЛДП е активен член на АЛДЕ од нејзиното основање и е препозната во Европскиот парламент што е голема предност во лобирањето за исполнување на стратешките интереси.
Заклучокот од оваа панел дискусија е тоа што придобивките од членството во ЕУ, значително ги надминуваат сегашните предизвици, а промоцијата на либералните вредности и демократски стандарди останува врвен приоритет за партијата.
Овој настан јасно покажува дека политичките и економските лидери се подготвени да ги водат своите земји кон подлабока европска интеграција, со што се обезбедува стабилност, напредок и унапредување на демократските вредности на Балканот.
Македонија
Мицотакис: Нема да ги ратификуваме меморандумите од договорот од Преспа
Грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми од договорот од Преспа сè додека не постои целосно усогласување со одредбите. Воедно, најави дека отстапувањето од Договорот ќе донесе последици и на европскиот пат на Македонија и во билатералните односи, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за грчката телевизија „Скај“.
Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и надзор над воздушниот простор.
„Жал ми е што господинот Каселакис ги усвојува најлошите навики на својот претходник. Ги истакнав проблемите од договорот од Преспа бидејќи тој ги утврдува термините македонски и македонски јазик. Ја предупредив и новата влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од договорот од Преспа ќе има сериозни последици и во односот со нас и во однос на патот кон Европа. Во однос на меморандумите, СИРИЗА сега бара да ги ратификуваме меморандумите и да го откажеме најосновното оружје што го имаме за почитување и спроведување на договорот. Она што СИРИЗА од нас го бара е чин што ги достигнува границите на апсурдноста“, рече Мицотакис.
Во однос на постапката на лидерот на грчкото решение, Кирјакос Велопулос, да го скине договорот од Преспа на собраниската говорница, рече и дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса“.
Македонија
Љупчо Палевски-Палчо ја помина првата ноќ во затворот во Шуто Оризари
Љупчо Палевски-Палчо, осомничениот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, ја помина првата ноќ во затворот во Шуто Оризари по вчерашната екстрадиција во Македонија.
По речиси 5 месеци од неговото апсење во турскиот град Баликесир, тој вчера беше спроведен со редовен лет на скопскиот аеродром.
Кривичните дела за кој е осомничен се грабнување и убиство на свиреп начин. Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните тела беа пронајдени во близина на Велес и Скопје на 3 декември.
Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување, а во моментот се наоѓа во домашен притвор.