Хрватска ги очекува првите шест борбени авиони „Rafale“

Првите шест од вкупно дванаесет повеќенаменски борбени авиони „Rafale“ од француско производство во четврток треба да пристигнат во Хрватска , две години и пет месеци по потпишувањето на договорот со Франција вреден над милијарда евра а пристигнувањето на последниот од договорените авиони. се очекува на почетокот на следната година.

„Со историски лет од Бордо до Загреб, во траење од еден час и четириесет минути, пилотите на победничката хрватска армија во Хрватска ќе донесат моќни ловци и нови заштитници на нашиот воздушен простор“, објави пред два дена на социјалната мрежа Х министерот за одбрана Иван Анушиќ.

Хрватската армија на тој начин ќе има модернизирана борбена воздухопловна флота, што претставува најголема инвестиција на владата и Министерството за одбрана во одбранбените сили, рече ресорниот министер.

Одлуката за набавка на борбени авиони „Rafale“ владата ја донесе на 28 мај 2021 година кога го задолжи Министерството за одбрана да ги спроведе сите потребни дејствија во врска со склучувањето на договорот меѓу Хрватска и Франција. Овој договор беше потпишан на 25 ноември истата година од тогашниот министер за одбрана Марио Баножиќ и француската министерка за одбрана Флоренс Парли, како дел од официјалната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Хрватска.

Вкупно 1,13 милијарди евра се обезбедени од хрватскиот буџет за набавка на француските борбени авиони во периодот од 2021 до 2026 година. За годинава се планирани околу 225 милиони евра, за следната 65 милиони, додека од буџетот за 2026 година ќе бидат издвоени околу 18 милиони евра.

Примопредавањето на првиот авион „Rafale“ се случи на 2 октомври минатата година во француската воздухопловна база Мон-де-Марсан. Во Хрватска до крајот на оваа година треба да има осум авиони, а останатите четири авиони се очекуваат до крајот на првиот квартал од 2025 година.

Договорот меѓу Хрватска и Франција опфаќа и воена соработка, одржување на заеднички воздушни вежби на двете земји и обука на хрватски пилоти и технички персонал. На крајот на јануари 2023 година, првата група пилоти беше испратена во гореспоменатата француска база на обука за 15 месеци. До денес, околу 90 припадници на вооружените сили од различни специјалности ја завршиле програмата за обука „Rafale“, соопшти Министерството за одбрана.

Обуката на пилоти на повеќенаменски борбени авиони на сојузничките и партнерските земји во НАТО треба да се спроведува и во Хрватска, односно во Центарот за обука на пилоти борци (FPTC), кој се очекува да започне со работа во 2026 година.