Фото: „Нова Македонија“

Градежните компании во првиот месец од годинава добиле помалку одобренија за градба во споредба со истиот месец од 2023 година, а со тоа и предвидената вредност на проектите е намалена за речиси 50 отсто во однос на истиот период лани

Како ќе се развие градежништвото ако сите
капитални работи им се даваат на странски компании

Продолжува негативниот тренд во градежниот сектор во Македонија. Официјалните податоци покажуваат дека намалените градежни активности од лани се прелеаја и во 2024 година. Градежните компании во првиот месец од годинава добиле значаен број помалку одобренија за градба во споредба со истиот месец од 2023 година, а со тоа и предвидената вредност на проектите е намалена за речиси 50 отсто во однос на истиот период лани.

Алармантна состојба во градежништвото, државата не им дава доверба на домашните градежни компании

Градежниците веќе со месеци говорат дека состојбата со нивниот сектор е алармантна. Во јануари 2024 година се издадени само 256 одобренија за градба, и тоа на целата територија на државата. Ова претставува намалување за цели 35 отсто во однос на истиот месец лани. Повеќегодишното отсуство на домашните компании во реализацијата на инфраструктурни проекти во земјава говори дека државата не им дава доверба на домашните градежни компании, па ангажира странски компании, кои работат неколкукратно поскапо и кои само го собираат финансискиот кајмак, додека работите на терен повторно ги изведуваат македонски компании, но како подизведувачи.
Македонските градежни компании алармираат и за нееднакви услови за работа на домашниот пазар, работејќи како подизведувачи на странски компании. Тие го посочуваат фактот дека и покрај тоа што имаме докажани кадри од сите фази на изградба, меѓу кои и за надзор, и тоа со голем број референци, кои се конкурентни и настапуваат на странскиот пазар, знаењето и искуството не можат да го применат на домашниот пазар. Тоа го посочуваат со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ги гради коридорите 8 и 10.
Од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора велат дека проблемот е хроничен, бидејќи веќе долг период не се исти условите за работа на домашниот пазар за домашните и за странските компании, односно во одредени делови се во прилог на надворешните субјекти.
– Податоците за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 покажуваат дека околу 96 отсто од средствата за капиталните инвестиции се одлеваат кон странски компании, наспроти само 4 отсто кон домашни компании – посочуваат од здружението.

Страшо Милковски, претседател на управниот одбор на „Гранит“: Во одредени периоди градевме на четири-пет континенти, а сега не можеме да градиме дома

Заложбата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите е условите за натпревар и за работа на домашниот пазар да бидат исти и за домашните и за странските компании.
– Во одредени периоди градевме на четири-пет континенти, а сега не можеме да градиме дома. Сѐ почесто слушаме од нашите политичари дека не нѐ бива, дека немаме капацитет. Но како може да имаме капацитет ако сите работи ги работат странци? Како ќе го развиеме градежништвото ако сите капитални работи се даваат на компании што не се одовде? Зошто се елиминираат нашите компании, не само градежните, за да се донесат други, кои по квалитет не се подобри? Тие ги користат нашите работници. Ниту една градежна фирма што дошла во земјава не донела свои инженери и работници, туку ги зема нашите, тие во кои ние вложуваме. Потоа, со малку поголема плата, странските фирми ни ги земаат работниците. Што ни недостига за да имаме сопствена економија? Дали ќе сфатиме дека оваа држава можеме да ја направиме ние и дека ако не постојат домашни фирми, не може да има развој? Ако 90 отсто од инвестициите тука ги градат странци, каде ќе одат нашите фирми – неодамна за „Нова Македонија“ зборуваше Страшо Милковски, претседател на управниот одбор на „Гранит“.

Зошто власта нема слух за капацитетите на македонските компании?

Според Страшо Милковски, претседател на управниот одбор на „Гранит“, клучниот проблем е што власта нема слух за капацитетите на македонските компании. Неговото мислење е дека ако сега се проектирал автопатот Кичево – Охрид ќе изгледал многу помодерно и по него побрзо ќе се стигнувало во Охрид.
За него е чудно како земјава сега не може да ја направи „Чебрен“, ако во 1942-1943 година, кога имала само четири-пет инженери, ги направила, како што нагласи, сите хидроцентрали.
Милковски заклучи дека на раководни функции се поставуваат луѓе што немаат доволно искуство за големи проекти и порача дека мора да има тесна поврзаност меѓу науката, производството и политиката.
Бизнис-секторот уште еднаш потсети дека и домашните компании имаат капацитет, знаење и долгогодишно работно искуство, но им недостига поголема поддршка. Економијата не може да се развива ако сите капитални проекти ги работат странски фирми, затоа е потребно да се води повеќе сметка за ангажманот на домашните компании. Тие апелираат дека е крајно време некој да го препознае нивниот напор, Македонија да стане земја препознатлива по вредните и квалификувани работници, кои произведуваат работи со додадена вредност.
Градежникот Никола Велковски вели дека состојбата во градежништвото е точно таква како што покажуваат официјалните бројките и издадените одобренија за градба.
– Прво ќе се осврнам на состојбата во градбата на станбено-деловни објекти. Значајно е намалена понудата на добри локации за градба од причина што има сѐ помал број квалитетни локации за градба, а тоа е така поради тоа што на голем дел од предвидените локации за градба имотноправните односи се нерешени во правец на нерешени оставински постапки. Потоа, локациите што се во периферните делови на градот се помалку атрактивни за градба и профит. А тоа е од причина што сега најголем дел градители на станови се инвеститори и трговци со станови што градат само за добивка и профит. Тоа не се градежни фирми кај кои основниот мотив е да ги ангажираат своите работни капацитети, а со тоа и да остваруваат добивка – објаснува Велковски.
Според него, градежните фирми се помалку ангажирани од страна на државни институции во делот на високоградба бидејќи и немаше многу такви инвестиции, а во делот на нискоградба има делумни инвестиции и е зголемена конкуренцијата.