Владата досега префрлила 38 милиони евра на ЕСМ за скопското парно

53

За набавка на природен гас за работа на четирите скопски топлани, како и за покривање на разликата во сметките за парно греење на потрошувачите, Владата на АД ЕСМ му има префрлено 1,9 милијарди денари или 38 милиони евра. Овие пари, според првиот човек на АЕД ЕСМ, Васко Ковачевски, се доволни за до крајот на годинава и за првиот месец од 2023 година.

– Потоа ќе се направат нови пресметки за следните четири месеци. И тогаш ќе имаме точно колку дополнителни средства ќе бидат потребни до крајот на грејната сезона – истакна Ковачевски на прес-конференцијата со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој потсети дека Владата покрај тоа што го задолжи АД ЕСМ да го преземе управувањето со топланите Исток и Запад, ги задолжи да го преземат и управувањето со топланата Скопје – Север со цел да се обезбедат финансиски средства и ресурс за оваа топлана и да нема прекин на топлинска енергија на околу 500 семејства и 13 институции во овој дел од Скопје.

– Ние го преземаме само управувањето и договорите, цените и сметките ќе останат исти, односно ќе нема промена ниту во плус, ниту во минус. Тоа значи дека граѓаните и натаму ќе добиваат топлинска енергија по субвенционирана цена затоа што разликата кај топлинската енергија е значително повисока од цената кај електричната енергија. Тука владата со своите механизми обезбедува доволно финансиски средства да се покријат овие загуби и скопјани и натаму да имаат топлинска енергија по цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика – потенцира Ковачевски.

Тој истакна дека сметките за топлинска енергија се испорачуваат со одредено задоцнување, но тоа значи дека граѓаните нема да добијат одредени камати, ниту опомени за плаќањето. Задоцнувањето, според Ковачевски, е од техничка природа за да можат сметките да се подготват со новиот софтвер во која е вкалкулирана субвенцијата од државата.

– Ако некој не сака да склучи договор, ќе биде исклучен и нема да добива топлинска енергија – дециден е Ковачевски.

За декември е обезбеден гас за сите топлани и тие ќе работат на природен гас. Испорачател е „Макпетрол“ и цената е 77 денари плус ДДВ за нормален кубен метар, но конечната цена се прави на крајот не месецот.

– Имаме испратено повик до десетина компании за набавка на гас и добиваме понуди. Ја прифаќаме онаа понуда која нуди сигурна испорака, на количествата и најниската цена – вели Ковачевски.

(С.Бл.)