Секоја книга е едно ново патување вели Христина Петреска која е избрана за најчитателка во 2023 година од страна на Охридската библиотека. Петреска во една година прочитала дури 139 книги, а по неа следува Марија Петковска со 111 прочитани книги, додека трета со 105 прочитани книги е Јорданка Митаноска, сите три од Охрид.

Омилена литература ми се драмите и романсите. Најмногу почнав да читам за време на Ковид кризата кога беше се затворено и имавме повеќе време. На сите сакам да им порачам повеќе да читаат, затоа што секоја книга е едно ново патување и со тоа си го збогатуваме вокабуларот, рече Петреска на денешниот свечен настан кој беше организиран во НУ Библиотека „Григор Прличев“ по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.

Најчитателка за 2023 година во детското одделение е Јована Снегарова со 62 прочитани книги, а следат Бисера Ангелоска со 54 и Иван Аслимоски со 41 прочитана книга. Највозрасен зачленет читател во Библиотеката во Охрид е Благородна Тасевска, родена 1932 година, а најмлад читател е Маја Наумоска, родена 2022 која наградата ја прими во придружба на родителите.

Директорот на Библиотеката, Милчо Јованоски се осврна на работата на установата во текот на изминатите 365 дена, а ја пренесе и годинашната меѓународна порака во чест на денот од Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО, Азуле.

На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2024 година, би сакале да ја потенцираме значајноста да ја прославуваме моќта и убавината на книгите. Книгите, во сите нивни форми, ни овозможуваат да учиме и да се информираме. Тие исто така нè забавуваат и ни помагаат да го разбереме светот, притоа нудејќи прозорец кон другоста. За книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат јазичната разновидност на нашиот свет. Сепак, тоа е далеку од тоа да биде случај денес. Во Охридската библиотека постојано се зголемува бројот на читатели. Во моментов има преку 2000, од кои 1500 активни, вели Јованоски.

На настанот во охридската Библиотека македонската порака по повод Светскиот ден на книгата и авторското право што ја напиша Ива Дамјановски, поетеса, пијанист, композитор, ја прочита м-р Мариче Боздоганова, библиотекар советник.

Задачата на еден поет е да го земе она што е одвратно и грдо и да го претвори во естетски објект, задачата на еден автор на книжевно дело е да ја претвори во значење баналноста на материјалното постоење. Но, и кога не станува збор за уметничка литература, книгите се приказни, без оглед на тоа дали раскажуваат за нечија едноставна емоција или начинот на кој што функционира квантната механика. И еден учебник по органска хемија е возбудлива приказна за почетоците на еден вид кој ја има неверојатната способност да пишува учебници по органска хемија, порача Ива Дамјановски.

На 30 донатори на книги во 2023 година од Охрид и цела земја им беа врачени благодарници. Денеска беше прогласен најдобриот Млад библиотекар, Бојана Башоска, од ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани под менторство на Емилија Митреска. Таа ќе го претставува Охрид на Републичкиот натпревар во Куманово на 21 мај. На Регионалниот натпревар „Млади библиотекари“ одржан на 15 април учествуваа шест општински училишта со вкупно 14 натпреварувачи. Денеска благодарници добија и сите учесници и ментори.

Настанот беше заокружен со врачувањето на наградите од манифестацијата „Напиши стих – купи кафе“ организирана во чест на Светскиот ден на поезијата 21 Март. Наградени се авторките Даниела Илијоска и Маја Мојсова и Силвана Јованоска.

Настанот со својот настап го збогатија младите флејтистки од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид: Бојана Размоска, Тијана Шутароска и Ана Јованоска од класата на професор Нина Момировска.

Н.С.Ј

фото. Б. Стојаноски