Кандидатите за шеф на државата и денеска со набиени агенди

Изборната кампања за првиот круг од претседателските избори закажан за 24 април влегува во четвртиот ден

Со митинзи, дебати и средби со граѓани денеска продолжува кампањата за првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април.  

Седумтемина кандидати за претседател на државата / Фотоколаж: „360 степени“

На четвртиот ден од кампањата, изборниот караван на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата кој ја има поддршката на „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска ќе ги посети општините Дебарца, Вевчани, Струга и Охрид. 

Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Силјановска Давкова својата изборна програма ќе ја презентира пред граѓаните на Зрновци и Виница, а централниот митинг за денеска е закажан во Кочани. 

Изборниот штаб на кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска најавува дека ќе има средба со граѓани од отворен тип во населбата Волково, во општина Ѓорче Петров, а во Тетово, во „Музејот на тетовскиот крај“ ќе ја претстави својата програма. 

Кандидатот за претседател на државата од Европскиот фронт, Бујар Османи, денеска во Скопје ќе одржи прес-конференција на тема „Формирање на Меѓународен борд за сертифицирање на сите носители на јавни функции“. Прес-конференцијата, како што информираа од неговиот изборен штаб ќе се одржи пред зградата на Владата.  

Арбен Таравари, кој влезе во трката за претседател на државата како кандидат на коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“, денеска ќе се сретне со лекарите во кандидатот за претседател на коалицијата ВРЕДИ Арбен Таравари, ќе оствари средба со лекарите во Тетово, а придружувани од лидерот на „Движењето Беса“ и актуелен градоначалник на Тетово ќе имаат заедничка активност на Попова Шапка. 

Караванот на кандидатот за претседател на „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски, ќе биде во Вевчани, Струга и Охрид. 

Што порачаа и ветија претседателските кандидати на вчерашните настапи

На централен митинг вчера во Кичево, за кој рече дека е град – Македонија во мало, кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски поддржан од СДСМ го нагласи значењето на соживотот. Рече дека ги исполнил очекувањата во изминатите пет години зашто не ги делел луѓето, еднакво третирал секој човек, почитувајќи го потенцијалот на секого што е корисен за добросостојбата на државата. 

Кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова вчерашната агенда на нејзиниот изборен караван ја заокружи со митинг во Кавадарци, на кој меѓу другото, порача дека ќе ја афримира потребата од што повеќе жени на клучните функции во државата, не само во одбраната и безбедноста, туку насекаде. 

Гордана Силјановска-Давкова на митингот во Кавадарци / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Таа во својот говор се осврна и на прашањето за заштита на животната средина, за што како пратеничка во Собранието рече дека предлагала многу закони, предупредувајќи дека тие мора да имаат предност.   

 „Законите што се однесуваат на животната средина треба да имаат предност и дека мора да има зелено столче за невладините организации и експертите“,

порача таа. 

Претходно говорејќи на собир во Неготино, Силјановска-Давкова рече дека германскиот филосов Хегел не е во право кога вели дека секоја народ ја заслужува својата власт, затоа што според неа Македонците заслужуваат подобра претседател и премиер од тие што сега ги имаат. 

„Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска! Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене“,

рече кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. 

Нејзиниот противкандидат кој ја има поддршката на СДСМ, Стево Пендаровски преку невообичаен гест на синоќешниот централен митинг во Кичево одговори, на како што кажа, прозивките од ВМРО-ДПМНЕ дека во настапите од претседателската кампања е сам, без да биде придружуван од раководството на партијата која застана зад неговата кандидатура. 

Тој ги повка присутните на митингот да се качат со него на бината, што дел и го направија, колку што дозволуваше просторот. 

„Сега ќе ве замолам за да му кажеме на Мицкоски и на неговите пајташи дека јас сум бил секојпат и ќе бидам секојпат со мојот народ. Повелете сите на бина“,

рече Пендаровски.   

Од митингот на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски / Фото: Принтскрин

Инаку, дел од акцентот во своето обраќање на митингот во Кичево, кандидатот за шеф на државата поддржан од СДСМ, го стави на соживотот и рече дека во изминатите пет години ги исполнил сите очекувања затоа што не ги делел луѓето, еднакво се однесувал кој секој човек, почитувајќи го потенцијалот на секого што е корисен за добросостојбата на државата.    

Кандидатот за претседател на ГРОМ Стевчо Јакимовски вчера од Крушево ги истакна своите заложби за надворешната политика во која нагласи дека Македонија ќе чека за членство во ЕУ до 2030 година.  

„Мојата мисија би била да се дигне дигнитетот на Република Македонија, она што бараме е само малку повеќе почит за Македонија и за граѓаните и она што мора да ѝ го соопштиме на Европската Унија е дека ние сме подготвени да чекаме пред вратата на Европската Унија до 2030 година, а потоа не сме подготвени“,

рече Јакимовски. 

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари вчера во Скопје рече дека очекува убедлива победа на претстојните претседателски избори, во спротивно, нагласи дека се согласува со предлогот на Крешник Бектеши од ДУИ оној кој ќе ги загуби изборите да се повлече од политиката. 

Тој заедно со подмладокот на коалицијата во Градскиот парк во Скопје го одбележа Меѓународниот ден на спортот, од каде порача дека како претседател ќе се заложи за негова промоција, како и за изградба на повеќе спортски терени за младите. 

Претседателскиот кандидат на „Движењето ЗНАМ“, Максим Димитриевски, вчера во Валандово, порача дека мора да се изнајде начин и модел со којшто ќе се модифицира Преговарачката рамка за да се придвижи евроинтегративниот процес на земјата. 

Претседателскиот кандидат на Левица  Билјана Ванковска вчера беше во Прилеп од каже порача дека ќе се залага за нов устав, поништување на Договорот со Бугарија, ревидирање на Преспанскиот договор, излегување од НАТО и водење надворешна мултивекторска политика која главно ќе биде насочена на економскиот интерес на Македонија. 

„Не настапуваме со прашање дали Бугарите ќе бидат во Уставот, туку настапуваме со сосема нов устав, бидејќи овој продуцира нефункционилен политички и уставно-правен систем“,

рече Ванковска. 

Кандидатката на Левица за претседател на државата, Билјана Ванковска / Фото: Архива

Кандидатот за претседател на државата на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, Бујар Османи вчера во Тетово учествуваше на дебата насловена „Задржување на младите во земјава“, од каде рече дека ќе предложи да има фиксни квоти во пратеничките листи за младите до 27 години.  

Пронајдете не на следниве мрежи: