Breaking News

ЈЗУ Институтот за јавно здравје одбележа 100-годишен јубилеј, еден век чувар на јавното здравје


ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија со пригодна свеченост и во присуство на бројни гости прослави 100 години од своето постоење. Во знак на одбележување на еден век посветена служба на јавното здравје овој јубилеј се прославува под мотото „Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија – 100 години чувар на Вашето здравје“.


Основан во 1924, ЈЗУ Институт за јавно здравје беше во првите редови на превентивната здравствена заштита, служејќи како чувар на благосостојбата на граѓаните и темелник на грижата за јавното здравје. Во текот на својата историја, Институтот остана посветен на унапредување на здравјето и благосостојбата на сите граѓани, пионерски иновативни истражувања и застапување за политики и интервенции засновани на докази.
Во рамки на одбележувањето се одржа и свеченост во присуство на бројни гости, соработници и поддржувачи на работата на Институтот.


„Несомнено, еден од најголемите предизвици со кои се соочивме во последната деценија е пандемијата со вирусот Ковид-19. Пандемијата ја тестираше нашата отпорност и способности како никогаш досега. Сепак, преку нашите колективни напори, ние се движиме низ овие турбулентни времиња со издржливост и решителност, приспособувајќи ги нашите стратегии за да го заштитиме здравјето, а истовремено и да го ублажиме влијанието на биолошките опасности врз работната способност на населението.

Предизвиците од минатото се константен потсетник за заштита на јавното здравје. Битката е секојдневна и неопходно е постојано да бидеме подготвени навреме да ги препознаеме заканите и опасностите. Нашите цели и приоритети за иднината се јасни и познати. Ние сме чувари на јавното здравје! “, истакна во својот говор по повод одбележувањето на јубилејот директорот на Институтот, проф. Д-р Шабан Мемети.


Министерот за здравство, проф. Д-р Илир Демири го честиташе значајниот јубилеј на Институтот и ја истакна неговата особена важност како дел од македонскиот здравствени систем.

„Колку е битен Институтот за јавно здравје, толку е битна специјалноста – епидемиолог“, истакна Демири и дополни дека во многу блиска иднина треба да се формираат и други одделенија, сектори во склоп на Институтот за јавно здравје, но и во склоп на Министерството за здравство, со цел развој на програми што се во улога на превенција на здравјето и за да имаме поквалитетен здравствен систем.


По повод јубилејот свои поздравни честитки испратија и претседателот на Владата, Талат Џафери и претседателот на државата, Стево Пендаровски кои ја истакнаа важност на Институтот во системот на превентивна здравствена заштита, неговите досегашни постигнувања во унапредувањето на јавното здравје и посакаа успешна реализација на поставените цели и задачи на Институтот и во иднина.

По повод јубилејот свои пораки испратија и претставници од Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), истакнувајќи го придонесот на Институтот за глобалното јавно здравје.


„Ова патување почна во 1924 година, кога беше основан Институтот за тропски болести во Скопје и се разви од станица за бактериологија до лабораторија за тестирање заразни болести. Оттогаш, развојот на Северна Македонија беше неверојатен“, подвлече директорот на Регионалната канцеларија за Европа на СЗО, д-р Ханс Хенри Клуге.

„ЕЦДЦ е многу помлада институција во однос на Институтот но многу сум задоволна што во 15 години нашата соработка порасна во плодна и зрело партнерство. Почнавме соработка со Северна Македонија во 2009 како одел од Европската комисија поддршка на земјите кандидати за Европската Унија. Оттогаш ЕЦДД има за цел да ја прошири соработката со Институтот во насоки да го зајакне капацитетот на државата да ја имплементира европската легислатива за превенција на болести и контрола на болести, да ги исполни неопходни критериумите и да исполни сет од барања во оваа област“, рече во својата порака директорката на ЕЦДЦ, доктор Андреа Амон.

По повод одбележувањето на јубилејот се промовираше и монографија со наслов „100 години Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија 1924-2024 година – чувар на јавното здравје“. Оваа публикација ќе послужи како доказ за богатото наследство на Институтот и трајното влијание врз јавното здравје во државата.