Стари и длабоки проблеми во најновиот извештај на Стејт департментот: „Се вртат во круг, неопходна е висока свест и искрена заложба на сите чинители во општеството“

од Nikola Popovski

Корупција во власта, отсуство на судска независност и напади врз новинари, се само дел од забелешките во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права во Македонија во изминатата 2023 година. Ваквиот извештај е речиси сличен со оној од ланската година.

Иако законот предвидува кривични казни за корупција од страна на функционерите, во извештајот се забежеува дека владата не го спровела ефикасно. „Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“,  се наведува во Извештајот.

Во него, меѓу другото се наведува и дека иако во земјата има закон кој предвидува кривични казни за корупција од страна на официјални лица, сепак постојат извештаи за функционери кои се вмешани во корупција. Извештајот нотира дека се одложувале судења кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку биле завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери. ОЈО Скопје поведе истрага за наводите дека персоналот на Државната клиника за онкологија крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар. Граѓаните во многу наврати протестираа поради овие наводи, а полицијата и обвинителството на 1 септември упаднаа во клиниката за да соберат докази.

Во однос на слободата на изразување, во извештајот пишува дека слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите, притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми и самоцензура.

Борче Давитковски

Дел од јавноста смета дека нема ништо ново во извештајот на американскиот Стејт департмент и дека „само се вртат во круг“. Универзитетскиот професор Борче Давитковски порачува дека извештајот ја одразува реалната состојба во нашата држава. Во разговор за „Локално“ истакнува дека се повторува истото.

-Од толку многу органи за борба против корупцијата(посебен министер, ДКСК, ЈО, МВР,Финансиска полиција и други органи) корупцијата „цвета“, загрижен е професорот.

Според него, клучната работа е што, како што посочува, „имаме партиски неспособни органи кои треба да бидат носители во борбата против носителите на коруптивни дејства, од една страна и од друга страна, партизирано судство кое иако некогаш ќе покрене некоја постапка за носител на корупцијата со своите долгорочни постапки и непримена на законите, тие носители нема да ја почуствуваат правдата на своја кожа“.

Вели дека кај нас позната е крилатицата: „Ако си корумпиран кради повеќе милиони евра и нема да одговараш отколку да украдеш две салати за кои сигурно ќе добиеш, ако не затвор тогаш условна осуда!?“.

Според Давитковски, новата Влада треба да прави се она што не правеа поранешните влади.

-Строга примена на правната држава, како и поставување образовани и чесни министри кои во својата работа ќе се држат за постоечките закони, а не за партиските наредби во својата работа. За Македонија изгледа шашаво, но еднаш мора да се почне, а резултатите ќе ги видиме многу брзо!?, се запрашува професорот.

Покрај него и поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска вели дека воопшто не е изненадена од наодите содржани во Извештајот на Стејт департментот. Како истакна во разговор за „Локално“, станува збор за длабоки проблеми, кои веќе подолго време се детектирани, и за кои во Националната стратегија за борба против корупција 2021-2025 година, донесена во Собрание на РСМ во април 2021 година, предложени се соодветни мерки и активности кои треба да се преземат од страна на Владата на РСМ и соодветните ризични сектори за корупција.

Билјана Ивановска

-И во оваа прилика ќе истакнам дека за ризиците од корупција кои ги дефиниравме во Националната Стратегија за борба против корупција не се преземени соодветни контроли, а нивното негативно влијание врз трошењето на јавните пари  и  злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор  е далекусежно. Имено, станува збор за силно поличко влијание кое се манифестира преку:

наметнување на политичката волја како „единствено“ решение за надминување на определен проблем во општеството,

користење на дискрециони права од страна на политички именуваните лица,

создавње перцепција дека политичката волја кај дел од носителите на политички функции е над законските решенија како и

-создавање пракса на толеранција и неказнивост за злоупотреба на политичко влијание, вели Ивановска во разговорот.

Имајќи го предвид нискиот степен на реализација на активностите предвидени во Националната стратегија, (2021 – 20%; 2022 – 10%; 2023 – 14% ), додава поранешната прва антикорупционерка, сосема очекувано е да добиеме тешки наоди и критики заради неспроведување ниту на препораките од меѓународната заедница, ниту на препораките од независните институции во земјата (ДКСК, ДЗР).

-Кога во септември 2023 година, во Собранието на РСМ, со молскавична брзина, по скратена постапка и со европско знаменце се донесоа измените на Кривичниот закон, ДКСК излезе со став, дека борбата против корупцијата и понатаму ќе остане декларивна, бидејќи во отсуство на широка јавна расправа, експертска дебата и анализа на последиците што ги предизвикува ова законско решение, не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив сериозно се загрозува правната сигурност во државата, и се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание, нагласува Ивановска.

Според неа, проблемот со владеење на правото односно неказнивоста, е нагласен и во овој Извештај на Стејт департментот.

-Овој висок ризик од корупција е нотиран и во Националната стратегија за борба против корупција, дотолку повеќе што ги предизвикува најголемите слабости во правосудниот систем преку бавно процесирање на важни предмети поврзани со висока корупција и организиран криминал во судските инстанци, исклучително мал број разрешници за големи случаи поврзани со коруптивно однесување и организиран криминал и слабо извршување на пресудите.

Во Извештајот на Стејт департментот стои дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала генерално влошување на состојбата со корупцијата.

За Ивановска, оваа констатација на ДКСК, е резултат на погоре наведените ризици, но и на следните факти: отсутво на интегритет на човечкиот фактор како клучен фактор за спречување или практикување на коруптивно однесување, толеранција и перцепција на „дозволеност“ на користење на службени ствари за лични потреби, развиена култура на користење на роднински, пријателски и партиски врски и други притисоци врз вработените во јавниот сектор како и недоволна транспарентност на постапките во различни области каде има можност за злоупотреба на службената позиција и појава на други форми на корупција.

-За да се намали корупцијата во нашата држава, неопходна е висока свест и искрена заложба на сите чинители во општеството, во функција на остварување на јавен интерес за сите граѓани, наспроти личните и партиските интереси на поединци и носители на јавни фунции, децидна е екс-претседателката на Антикорупциската комисија.

Н.П.

Слични содржини