Веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анекс на Колективниот договор, бараат здравствените работници

На денешниот протест на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), здравствените работници најавија омасовување на протестите доколку не им биде исполнето барањето за потпишување анекс на Колективниот договор

Со порака дека нема да отстапат од своите барања, здравствените работници денеска на протест пред Министерството за здравство побараа од политичките партии кои претендираат да дојдат на власт, веднаш по формирањето на владата, да го реализираат нивното барање за потпишување анекс на Колективниот договор.

Од денешниот протест на здравствените работници / Фото: МИА

На денешниот протест на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржан од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), здравствените работници најавија омасовување на протестите доколку барањето за потпишување анекс на колективниот договор не им биде исполнето.

„Со протестот сакаме да го искажеме нашето незадоволство од потпишувањето на анексот на колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се примени со оваа мартовска плата, а втората, многу појака и посилна, е до политичките партии кои претендираат да ја освојат власта – да сфатат дека веднаш по формирањето на новата влада треба да се пристапи кон потпишување на овој анекс на Колективниот договор“,

порача претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

Каранфиловски додаде дека бараат и покачување од 15 отсто на анексот на договорот кој е веќе потпишан и одобрен од Владата поради зголемување на минималната плата.

Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита / Фото: МИА

Синдикатот, како што дополни Каранфиловски, се залага и за здравствените работници со договори на дело и за специјализантите со приватна специјализација уште од 2012 година.

„Иако постои голем егзодус во нашето здравство, приватната специјализација не постои никаде на друго место во светот. Предлагаме луѓето да се вработат во клиниките, државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот. Инаку, вака, приватен специјализант ќе си заврши специјализација со пет години и еден ден нема да има во јавно здравство, па ќе си оди или во странство како што го прават тоа и завршените доктори“,

додаде првиот човек на Синдикатот.

Во текот на протестот претставниците од синдикатите беа информирани дека ќе бидат примени на средба кај техничкиот министер за здравство.

Пронајдете не на следниве мрежи: