Косовски политичар: Курти да не ги поделеше Албанците во Македонија, сега ќе имаа кандидат во вториот круг

од Nikola Popovski

Претседателот на партијата Демократски сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, го обвини премиерот на Косово, Албин Курти за неуспехот на Албанците на претседателските избори во Македонија. Како што оцени, да биле Албанците обединети, со еден кандидат на претседателските избори, сега ќе биле во вториот круг.

„Тоа би бил историски резултат, но Албанците беа поделени“, напиша тој на Фејсбук, обвинувајќи го премиерот на Косово дека има улога во поделбата на Албанците.

Абдиџику објави дека Косово треба да се врати на „политиката на сеалбанско обединување“ и изјави дека косовските институции се тие што ги поделија Албанците во Македонија.

„Во оваа поделба, популистичкиот премиер на Косово и целиот негов владин апарат станаа активни актери. Од кабинетот на премиерот на Косово, републичките институции наместо да се обединат, го направија тоа што многу добро го знаат – да разделат! Водеа кампања, правеа пропаганда, сквернавеа еден кандидат, но на крајот заврши со катастрофален резултат“, продолжил тој.

Абдиџику испратил порака и до оние кои ја поддржале коалицијата на албанските партии која загуби од кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Тој порачал дека „губитниците“ треба да ги погледнат своите претставници „кои се претворија во популистички инструменти на поларизирачка партија која не знае ништо друго освен терор и конфликт“.

„Да помагаме, а не да делиме. Со целосно внимание и посветеност ќе ги решиме конфликтите со Албанците во Македонија, Албанија и „долината“!“, напишал Абдиџику.

Слични содржини