Џафери ја повика Данела да ја искоси тревата пред Владата

Од Град Скопје возвратија дека „премиерот од Форино“ не знае што е негова обврска, но ги знае бенефициите што може да ги искористува


Техничкиот премиер Талат Џафери ја повика градоначалничката Данела Арсовска што поскоро да нареди косење на обраснатата трева во кругот на владината зграда. Тој објасни чија е таа обврска според процедурите и прописите –  дека земјиштето е во надлежност на Град Скопје.

-Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи кои што се надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор, одговори Џафери.

Веќе подолг период, дворот и околината на Владата е целосно запуштен и обраснат со високи треви и отпадоци. Фотографијата со плевелот пред зградата ја споделуваа и некои странски преставници тука забележувајќи дека никогаш досега не виделе таква слика пред влада. Со оглед на тоа дека наскоро во зградата ќе се всели новата влада на ВМРО-ДПМНЕ интересно ќе биде да се види дали ваквиот манир на функционирање на Арсовска е наменет само кон ДУИ и СДСМ или генерално.

Од кабинетот на Арсовска возвратија гневно, нарекувајќи го Џафери „премиерот од  Форино“.

-ВД премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати, лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада. Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува.

ЈП „Паркови и зеленило“ ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада, за истото треба да си склучи договор, исто како и секоја друга институција во Македонија“, се наведува во реакцијата на Град Скопје.

Додека се препукуваа и пишуваа писма тревата можеше да биде искосена и нивото на комуникација межу институциите зачувано како што треба.