Не само нам, тешко и на Американците – со нас!

Жана П. Божиновска / Слободен печат

Кога ќе се прочитаат сите забелешки од Стејт департментот останува прашањето – уште кој треба да ни каже или како да ни нацрта дека работите се превртени наопаку и дека нема резултати од она што наводно се работи.

Премногу случаи на насилство, непочитување на човековите права, висока корупција, пренатрупани затвори, притисоци врз новинари, поделеност на медиумите по политички линии, недоволна транспарентност на Владата, неефикасни судови, насилство кон припадници на ЛГБТ-заедницата и што уште не е нотирано во извештајот на американскиот Стејт департмент за Македонија за изминатата 2022 година. За земја што тврди дека со крупни чекори граби кон евроинтеграцијата и претендира до 2030 година да стане дел од Европската Унија.

Според Стејт департментот, Владата и натаму е најголемиот работодавач во земјата, а нејзината доминантна улога во економијата создава можности за корупција. Кога се зборува за Владата уште стои дека и покрај тоа што презела чекори за кривично гонење и за казнување функционери поврзани со корупција, сепак и понатаму постојат веродостојни извештаи за владина корупција.

Кога ќе се прочитаат сите забелешки, се наметнува прашањето уште кој треба да ни каже или како да ни нацрта дека работите се превртени наопаку и дека нема резултати од она што наводно се работи. Како инаку да се протолкува тврдењето дека Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност.

Судиите намерно ги одложуваат судењата или на апелациското разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание, пишува во извештајот. Оваа забелешка ниту е нова ниту е непозната за кој било граѓанин во земјава.

Не така одамна, тогаш новата американска амбасадорка во земјава Анџела Агелер отворено порача дека во земја што се движи кон ЕУ, потребно е сериозно адресирање на проблемот со корупцијата, збунета од процесот за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, за кого, патем, оттогаш не се слушна ниту збор. Ниту за него ниту за неговата работа. Агелер, освен што кажа дека корупцијата доведе до вистинска катастрофа за земјава во која сѐ повеќе млади луѓе не сакаат да останат, јасно потсети дека милиони и милиони долари платени од даночните обврзници на САД се инвестирани во судството на Македонија.

И, што се случи оттогаш? Се чини малку работи се сменија. А премиерот го оцени извештајот на Стејт департментот како „многу важен и корисен за нас“ и документ што треба да се користи во насока на подобрување на сите состојби во општеството. Работата е што и без ваквиот „документ“ работите во општеството требаше веќе да бидат подобрени.

Не мора Стејт департментот да нè потсетува каква е довербата во судството, а премиерот да каже дека таа ќе се врати со реализација на повеќе проекти, меѓу кои процесот на ветинг, што треба да се однесува на сите именувани и избрани функционери и што треба да се направи (повторно) со поддршка на САД и со ЕУ. И, додека трае неизвесноста кога конечно ќе вродат со плод теоретски бесконечно најавуваните нови проекти, случаите на „високите криминалци“ практично, безбедно и сигурно застаруваат.

Исто како што не мораше Стејт департментот да не потсетува каква е состојбата во затворите, почнувајќи од лошите услови, па преку недостигот на храна, несоодветните санитарни услови, пренатрупаноста, па сѐ до недоволниот кадар во затворскиот систем. И, што се вели, уште зборот недоречен, обидот за филмското бегство од затворот во Идризово ги потврди сите забелешки на Американците.

И додека се бараат оправдувања и објаснувања за, најблаго речено, недостатоците, опозицијата обвинува небаре нема никаква одговорност за состојбите во државава кои не се од вчера, а власта се гордее со тоа што во ЕУ се ценел напредокот на Македонија. А проекцијата за влез во истата таа Европска Унија во 2030 година, велат ќе зависела од испораката на реформите.

Само, ако таа не доцни како пратките на Македонска пошта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот