Сепак, како што рече Мицкоски во емисијата „Отворено студио 100 дена Влада“ на МРТ, нивната стратегија како влада во однос на овие реформи е да им се даде шанса на актуелниот републички јавен обвинител, судиите и обвинителите да обвинуваат и судат според закон, за да не излезе дека новата власт сака да партизира со поставување луѓе за кои сметаат дека ќе испорачаат одлучна и ефикасна битка со криминалот и корупцијата. Но, таа шанса, како што додаде, нема да биде во недоглед и може да трае одредено време
Досега, како што кажа, бил разочаран во неколку случаи бидејќи според него се постапува калкулантски и според навигација добиена од други центри
Имаме план (за реформи во правосудството) и тој план ќе почнеме да го спроведуваме, изјави премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Отворено студио 100 дена Влада“ што вчера вечер се емитуваше на националниот сервис МРТ.

Планот, како што рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на темата, е компилација од препораките на Оценската мисија, препораките на Европската Унија и од „оние одредници коишто се дел од нашата владина програма со која излеговме пред граѓаните на изборите“.
За потсетување, главното предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ во однос на правосудството, од кое Мицкоски не отстапи ниту по победата на изборите и составот на новата влада вклучува и распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители, што наиде на забелешки од меѓународните партнери.
„Суштината е дали некој навистина сака да обвинува и суди по закон или не. Ние како Влада тука не можеме ништо да направиме, ако таму има обвинители и судии кои тоа не сакаат да го прават. Еве еден пример којшто не го знае јавноста за еден бизнисмен за кој беше констатирана сериозна злоупотреба и штета на државниот буџет, во случајот општинскиот буџет за околу 70-80 милиони денари, од страна на судијата му беа одредени мерки на претпазливост, да се јавува еднаш неделно во судот. И сега ќе влеземе во еден процес којшто можеби ќе трае децении. Отприлика така изгледа таа работа кога ќе ја проверите во пракса“,
рече Мицкоски.
Сепак, како што рече Мицкоски, нивната стратегија како влада во однос на овие реформи е да им се даде шанса на актуелниот републички јавен обвинител, судиите и обвинителите да обвинуваат и судат според закон, за да не излезе дека новата власт сака да партизира со поставување на луѓе за кои сметаат дека ќе испорачаат одлучна и ефикасна битка со криминалот и корупцијата.
„Но, не сакам ова да звучи како притисок врз судиите и обвинителите. Мене можеби најлесно како претседател на влада ми е да ги смениме сите овие, да им направиме интерпелација и на нивно место да донесеме луѓе коишто ние ќе ги предложиме, и можеби тогаш ќе имаме робусна, жестока, јака битка, но тогаш ќе речат донесовте партиски кадри, се симнаа едните, дојдоа другите и сето тоа ќе фрли дамка во процесот. Затоа ние велиме имаме јавен обвинител кого го избрало претходното мнозинство, да имаме не 61, имаме 80 (пратеници), но велиме овој обвинител од претходното мнозинство од СДСМ и ДУИ нека обвинува согласно закон, онака како што треба. Ние не го менуваме, иако можеме утре да го смениме, и него, и Судскиот совет, и Совет на јавни обвинители, веднаш да направиме интерпелација и да предложиме нови, тоа можеме веднаш да го направиме. Еве ние даваме шанса, велиме еве да не биде дека ние партизираме“,
рече Мицкоски.
Но, таа шанса, како што посочи премиерот, нема да биде во недоглед и може да трае одредено време.
„Тоа време се ситни се троши и кога ќе видиме дека нема напредок, тогаш логично е да предложиме наши луѓе во коишто веруваме дека ќе го испорачаат тоа што очекуваме ние и граѓаните да го испорачаат, а тоа е битка против криминалот и корупцијата. И тоа е наша стратегија. Еве даваме шанса, да не биде дека не сме дале, дека партизираме, еве повелете господа обвинувајте и судете согласно закон и устав“,
вели премиерот.
Досега, како што кажа, бил разочаран во неколку случаи бидејќи според него се постапува калкулантски и според навигација добиена од други центри.
„Односно тие центри коишто ги предложиле да бидат таму каде што се, и тоа не е добро“,
додаде Мицкоски.

Говорејќи на прес-конференцијата на 1 октомври по повод 100 дена од новата Влада, Мицкоски рече дека до крајниот рок што го дале до 30 септември не добиле ниту еден конкретен предлог како треба да се одвиваат реформите во македонскиот правосуден систем. Затоа од денеска, рече тогаш премиерот, почнуваме да ги развиваме нашиот систем и нашата методологија и почнуваат реформите во правосудството.
„Жалам и сум разочаран што не добивме ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во правосудството. И како нивната доверба кај граѓаните од два да порасне барем на 10 отсто во првата година. Жалам што толкави огромни плати поединци добиваат, а работата што ја испорачуваат е никаква, односно мизерна“,
рече тој на 1 октомври.
Мицкоски досега неколку пати повтори дека не се откажува од изборното ветување за реформа во правосудството со распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Апелираше и до експертската јавност да достави предлог за тоа како да се зголеми довербата кај граѓаните во судството и порача дека доколку нема предлози и по неколку месеци, тогаш заклучокот би бил дека тие намерно штитат институции кои не се способни да гарантираат владеење на правото.
На ставот за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители се спротивстави меѓународната заедница, од каде што се инсистира реформите во правосудната сфера да се спроведуваат врз основа на препораките на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет, Извештајот за напредокот и од резултатите од скрининг-процесот.
Според ексамбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, нема дилеми дека мора да има суштински реформи во областа на владеење на правото и судството, но не на таков начин.