На 8 септември 1991 година мнозинството граѓани во тогашна Социјалистичка Република Македонија решија дека сакаат самостојна држава. Напуштањето на југословенската федерација значеше напуштање на политичкиот и економскиот модел. Предизвикот им беше јасен на сите уште при прогласувањето на Уставот во ноември, истата година.
„Престои донесување на голем број на значајни, системски закони, со кои ќе треба да се уредат односите во политичкиот и економскиот живот“,
кажа спикерот Стојан Андов.
Следната година новата држава доби и сопствени пари, што беше најава за најголемата економска реформа – трансформација на дотогашните државни фирми во приватни. Тогашната власт избра модел на приватизација, според кој, капиталот на државните фирми имаа право да го купат само вработените во тие фирми, но предност им беше дадена на директорите и раководните органи.
„Целта на приватизација не беше таа да биде праведна, туку она што ќе произлезе е поефикасна економија. Она што останува спорно кај луѓето е дали можеби моделот на приватизација што се примени кај нас беше неправеден. Немој да мислите дека во други држави каде што се примени нешто поразличен модел, граѓаните се позадоволни. Нема држава во која граѓаните се задоволни од приватизацијата“,
вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Процесот што го спроведуваше Агенцијата за приватизација брзо го доби епитетот криминален. Многу работници останаа на улица, додека довчерашни директори преку ноќ станаа газди на гиганти.
Единствената одговорност досега е морална, а и таа дојде три децении подоцна, од тогашниот премиер.
„И за успесите кои беа постигнати, но уште повеќе и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер носам целосна одговорност“,
кажа експремиерот, Бранко Црвенковски, говорејќи на дебатата на МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“. (27 септември, 2021)
Професорот Ванчо Узунов смета дека најголемото потфрлање, сепак, е кај правосудните органи.
„Сè се пренесе во една Агенција за приватизација, ама не може една институција, една институција ништо не значи. Обвинителство не се појави во текот на приватизацијата како институција. Судовите, од 1998 натака, 2000, после се појавија како дел од институции кои се бават и со проблеми од приватизација. Претходно каде беа? Апсолутно никој-ништо. Сè беше оставено – Агенцијата си знае. Тоа беше микс и во главите на луѓето дали е ова уште социјализам или друг систем е ова, во целата смисла. А, процесот мораше веднаш да се изведува. Тие што беа доволно безобразни да искористат нешто – искористија“,
смета Узунов.
Илјадници луѓе беа жртви на моделот на приватизација, па лесно се фатија на јадицата за штедење со големи камати. Така, во 1997 пукна втората најголема корупциска афера – ТАТ. Над 13 000 илјади граѓани останаа без околу 60 милиони евра депозити во битолската штедилница под водство на Соња Николовска, жената призната како најдобра стопанственичка само една година претходно.
„Без обѕир на тоа што гувернерот, донесе предлог за стечај, јас ве убедувам и ве уверувам дека се уште има шанси за ТАТ“,
ги охрабуваше Николовска штедачите.
Финансискиот колапс беше обелоденет по „упадот“ на Народна банка, а потоа и на МВР во штедилницата.
Аферата ТАТ, најмалку 30 дена останала на насловната страница во весникот „Дневник“. Сè уште е жива приказната дека министер во тренерки изнесувал црни вреќи од штедилницата. Неговото име никогаш не се дозна.
„Тие што требаше да го кажат и што се повикани да зборуваат на таа тема, до сега требаше не само да го кажат туку и да го процесуираат…Тоа беше во функција на падот на Владата на Бранко Црвенковски, меѓутоа, знаете што, од дрвата не ја видовме шумата како општество. Значи, едно е да падне Влада, друго е дали ќе се открие криминалот. Јас денеска тврдам дека криминалот околу аферата ТАТ никогаш не е процесуиран, иако аферата како криминал е откриена“,
вели Љупчо Зиков, новинар кој пишувал за аферата во „Дневник“.

Сопственичката на ТАТ беше осудена, но немаше одговорност кај финансиските институции или политичките функционери. Ударот од финансискиот грабеж од битолскиот регион се прелеа низ цела држава.
„Ми се чини дека во случајот на ТАТ не се работи само за штедилница – афера, туку се работи за еден октопод којшто, ако го расчлениме до кра,ј не знаеме до каде по одделните пипци на тој октопод ќе стигнеме, било по хоризонтала, било по вертикала во висина на институциите“,
зборуваше премиерот Црвенковски од говорница.

Борбата на штедачите од ТАТ трае до денес, а никогаш не се стигна до пипците на „Oктоподот“, за кој тогашниот премиер зборуваше во Собранието.
„За жал, тоа беше предизборен говор, да се спаси, што може да се спаси за изборите што следуваа во 1998 година. Како што знаеме сите, тоа не му успеа, како што не му успеа ни борбата против организираниот криминал и корупција во годините потоа. Владата на Црвенковски беше заменета со владата на Љупчо Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ по првпат дојде во независна Македонија во ефективна власт. Не видовме дека се сменија работите, напротив, организираниот криминал и корупцијата се продлабочи со владеењето на Љупчо Георгиевски и со владите потоа во годините што претстојат“,
вели Зиков.
Мандатот на Љубчо Георгиевски го одбележа и конфликтот во 2001. Годината кога ја загуби власта, 2002-та, се формираше првото тело за превенција од корупција – Државната комисија за спречување на корупцијата. Прва претседателка беше Слаѓана Тасева.
За пр пат политичарите пополнуваа анкетни листови за имотот, се донесе првата државна антикорупциска програма и се сменија 14 члена од Уставот. Но, останаа старите проблеми.
„Националната платежна картичка“, или случајот „Фершпед“, или случајот „Телеком“, или „Окт“а, значи ние сите тие случаи ги одработивме и ги доставивме до Јавното обвинителство. Сите тие и ден денеска немаат разрешница во нашите институции и тука е главниот проблем“,
вели претседателката на првиот состав на ДКСК, Слаѓана Тасева.

Тој состав на ДКСК отвори една од, ако не најголемите, тогаш – најзвучните корупциски афери во историјата на земјата. Позната е како „Бачило“. Овчарот Иснифарис Џемаили од тетовско Камењане успеал да извлече околу 700 илјади евра од државата за наводно гранатирање на неговото бачило за време на конфликтната 2001. Џемаили го поткрепил тврдењето со вештачења дека стотици овци се убиени, а преживеаната стока е трауматизирана.
Отштетата на овчарот стана афера, врз основа на една реченица што Антикорупциската комисија ја прочитала во ревизорски извештај за Министерството за одбрана.
„Ѓаволот е во деталите. Еден таков детал, ситен, којшто вели: „Не знаеме зошто платиле без да се жалат“, доведе до тоа да видовме во судскиот предмет во којшто направивме увид, дека во тоа време, на тоа место, немало прелети на какви било летала на Армијата и не можеле тие да предизвикаат штета на тоа стадо, што значи некој судија тоа го видел ама не го земал во предвид“,
вели Тасева.
Овчарот Џемаили одлежа три и пол години затвор. Тврди дека целиот имот му е запленет и дека во екот на аферата трпел притисоци од тогашниот министер за правда Михајло Маневски.
„Јас ако го прифатив ова заштитен сведок, јас ќе бев лажен сведок.
А знаевте во кои процеси, против кого ќе учествувате?
Ми спомнувале. Види, ој е прв. Прв бил Владо Бучковски, да не ги редам другите. За 18 судии беше – ќе ги сечеме.
Кој ќе ги сече, така ви рекоа, дека ќе ги сечат?
Власта, оваа претходна власт што беше, ВМРО. Ќе ги пресечеме тројца јавни обвинители, Владо Бучковски“,
тврдеше Џемаили во гостување во емисија „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Во деценијата што следуваше по доаѓањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски беа отворени повеќе корупциски предмети, главно против политички противници и службеници од пониските ешалони. Медиумските спектакли најчесто паѓаа или уште се влечкаат по судовите, а во позадина владејачка партија стана најбогатата во Европа.
„Одговорот на прашањето како ВМРО-ДПМНЕ по Никола Груевски стана најбогатата партија е едноставен. Преку злоупотреба на државните и јавните ресурси, на јавните пари и тендери, преку креирање на големи т.н. инфраструктурни или културни проекти како „Скопје 2014“, изградбата на разно-разни патишта со кинески и други дубиозни кредитирање, ВМРО-ДПМНЕ, со помош на својата мрежа на лојални бизнис-партнери успеа да ги извади тие пари, користејќи се со разно-разни мрежи од оф-шор компании, земји кои овозможуваат даночни олеснувања и така да ги ограби граѓаните од она што им следува“,
вели истражувачката новинарка Сашка Цветковска.

Важноста на тие релации стана очигледна кога во 2013 година ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби најатрактивната општина во земјата – Центар. Се прегласуваше три пати, но на крај победи Андреј Жерновски, кој спроведе независна ревизија на мегаломанскиот проект Скопје 2014.

Се проверуваше – како општинскиот Совет се нашол во улога да одлучува за поставување на монументални споменици од државно значење, кога има мандат само за локални спомен–обележја, т.е. бисти и плакети.
„Од анализата произлегуваше дека од 14 милиони потрошени средства, за целиот тој проект, за спомениците говорам, околу 8 милиони евра се на некој начин, проблематични, да не кажам злоупотребени“,
вели Драган Малиновски, кој еден од двајцата експерти кои ја спроведоа ревизијата на барање на Општина Центар.

И „Скопје 2014“ не доби судска разрешница. Падна во сенка на веројатно најголемата афера од независноста – масовното, незаконско прислушување од УБК или познатите „Бомби“.
Граѓаните и опозицијата излегоа на улица откако веќе немаше криење за тоа – како се договарале тендери, кредити, провизии, уцени, инспекции, дивоградби.
„Секоја наредна влада, кој ќе работи овде, да гледа овде и да се потсетува, за никогаш повеќе да не се повтори“,
велеше Заев.
Мачните политички преговори со посредници од САД и ЕУ доведоа до формирање на Специјалното јавно обвинителство во 2015 година. Пред летото 2017 година ВМРО-ДПМНЕ падна од власт, а во судот пристигнаа првите обвиненија.

Шест години по формирањето на СЈО и речиси четири и пол години по поднесувањето на обвиненијата, само еден висок функционер од првиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ има правосилна пресуда и издржува казна затвор – Гордана Јанкулоска. Одлежува казна во Идризово за еден од најмалите предмети – набавката на блиндиран мерцедес преку однапред договорен тендер.
Иронично, во истиот затворски објект е и шефицата на СЈО. Беше осудена затоа што ја искористила моќната позиција за уцени кон лица против кои водела истраги. Нејзината казна е поголема од онаа на Јанкулоска.
Аферата силно ја потресе и за малку не ја бутна владата на Зоран Заев. Неговиот одговор, кога победи на изборите во 2020 година, беше воспоставување нова функција во владиниот кабинет. Љупчо Николовски стана вицепремиер за борба против корупцијата.
„Новата влада е цврсто одлучна во периодот што следува да се спротивстави на корупцијата и криминалот“,
велеше Николовски.

Но, историјата како да се повторува. Закони и случаи има, ама ретко допираат до оние на врвот.
Антикорупционерите сè уште бараат побрза и поефикасна работа на обвинителствата, судовите и државните институции. Иако предметите кои ги покренале под сомнение дека во нив има незаконие, се од особен јавен интерес, сепак, надлежните во понатамошната постапка не презеле никакви активности за постапките да финишираат, реагира актуелниот состав на Државната комисија за спречување на корупција.

Проактивноста на антикорупционерите е нотирана и од Европската комисија во последниот извештај. Во него се оценува и дека земјава продолжува да ги консолидира постигнувањата во истрагите, обвиненијата и судските процеси за корупциски предмети, па и на високо ниво. Но, констатира Комисијата, корупцијата е распространета во многу области и останува проблем за загриженост.