Зошто старата серија Квантен скок (1989–1993) е светлосни години понапред од новиот Квантен скок (2022)

Што е „Квантен скок“?

Квантен скок (Quantum Leap, 1989–1993) е американска научно-фантастична серија. Во серијата д-р Сем Бекет (Скот Бакула), физичар кој скока низ простор-времето за време на експериментите во патувањето низ времето, привремено заземајќи го местото на другите луѓе за да поправи некои „историски грешки“. Неговиот сопатник е Ал Калавичи (Дин Стоквел), кој се појавува како холограм и му помага на Сем во неговите авантури.

Квантен скок (Quantum Leap, 2022) се случува триесет години по настаните од оригиналната серија, откако Сем исчезнал. Квантен скок е рестартиран со нов тим кој се обидува да ги реши мистериите зад Бекет и неговата машина.

Серијата „Квантен скок“, од лична перспектива

Беше крајот на летото 2001 година, а Квантен скок ја даваа на Сител. Беше новиот милениум и мислевме дека конечно ќе можеме да збивнеме од варварските случувања во последната деценија. Распаѓањето на југославија, војната во Босна, војната на Косово…

Но, од нашиот сон за подобро утро, не разбудија пукотници и немири во нашата Република Македонија. За среќа немирите не траеја долго и завршија на 13 август 2001 година. Потоа се случи 9-11, и ништо во светот не беше како порано. По ѓаволите, не можевме да здивнеме!

Серијата Квантен скок, како и некои други серии и филмови кои ги одбележаа тие бурни години, ни даваа некоја утеха, бегство од реалноста. Сепак Квантен скок заврши нагло како и невиноста на нашата младост опкружена со војна, бунт, нестабилност и неизвесност. Серијата не дојде до заклучок, на Сител само ненадејно престанаа да ја прикажуваат.

Две децении подоцна, кога излезе новиот Quantum Leap оваа 2022 година, ја побарав и изгледав последната епизода на Quantum Leap и се потсетив зошто го сакав шоуто.

Старата серија „Квантен скок“, од перспектива на последната епизода

Од отворањето на последната епизода гледачот е вовлечен во магичниот свет на шоуто.

Глумата е одлична, а карактерите изгледаат како да се извадени од книга. Тие се повеќеслојни, мистични, поставуваат загатки кои гледачот треба да ги одгатне. Дали се добри, дали се лоши, можеби кријат нешто, колку се значајни за развојот на приказната?… Таа мистерија трае до самиот крај кога некои ликови се откриваат како пресудни за дејствието. 

Мистеријата владее со епизодата, како заокружување на зачуденоста на главниот лик, Семјуел „Сем“ Бекет, која е пресудна црта на неговиот лик со секој квантен скок, од моментот кога ќе се најде во туѓо тело. Зачуденоста во последната епизода е уште поголема затоа што ликот ќе се најде во сопственото тело, на денот кога бил роден.

Но, тој не е новороденче, туку возрасен човек, а ликовите со кои се среќава се ликови од неговиот живот и неговите патешествија. Сепак, и тие самите не се сеќаваат на тие паралелни животи, заради што Сем почнува да се прашува во вистинитоста на неговите искуства. Можеби се било сон, можеби реалноста или некој друг (Зиги, господ, природата?…) си поигрувала со него.

Мистичната атмосфера е надополнета со филозофски и психолошки муабети на Сем, со шанкерот во местото во кое скокна овој пат. Веројатно би можела да се напише една цела книга за улогата на шанкерот во американските филмови и серии, но тоа е тема за друг пат. Шанкерот очигледно знае нешто и Сем се обидува да дознае што. Во одреден момент дури и помислува дека шанкерот е самиот господ!

Серијата ги поставува прашањата што е реалноста, која е целта на нашиот живот, каде одиме и каде сакаме да стигнеме. Се чини дека сите сме изгубени помеѓу различни реалности додека го бараме својот идентитет како луѓе. Но, тука зборуваме за вистинско значење на зборот идентитет, нешто што модерните филозофи и борци за политичка коректност го сфаќаат сосема грешно.

Новата серија „Квантен скок“ од 2022 година, како епитом за модерниот живот

Модерните филмови немаат време за прашањата поставени погоре, кои се рефлектираат во старите серии. Но, можеби не се виновни филмовите, можеби виновникот е публиката или културата, која нема доволно внимание да го стори тоа.

Публиката не поставува важни прашања, ниту ги истражува длабочините на прашањето што значи да бидеш човек. Нив ги интересира површното, изгледот, модата.

Новата серија се занимава со културната и расната разновидност, со сексуалната и идентитетската различност. Главниот лик е азиец, споредниот лик е трансродов. Тоа се е во ред, но зошто е тоа важно во една таква приказна?

Дали треба да биде поважно да се развиваат силни карактери, базирани на силна глума? Се чини дека новата серија е се, само не тоа. Глумата е медиокритетна, а ликовите недоволно развиени. Да беше инаку, немаше да биде важно која раса или пол се.

Сите заинтересирани за Квантен скок треба да ја гледаат првата серија, или барем неколку први и последни епизоди, бидејќи во новата серија се зборува за случувањата од крајот на претходната.

Тоа е првата причина, а втората (и побитна) е дека само на тој начин публиката ќе стане свесна на значењето на добрите филмови и серии. Тие имаат потенцијал да ги обликуваат младите индивидуи, да помогнат во градењето на дел од нивниот светоглед, да сугерираат битни животни прашања.

Пресуда: дали вреди да се троши време на новата серија?

Се разбира, Quantum Leap не е Вселенска одисеја 2001, му недостигаат соодветни визуелни ефекти и сериозност, напротив тие се прилично лоши, но и можеби соодветни за телевизиска серија од 1990-тите. Но, приказната, амбиентот, емоциите што ги предизвикува, прашањата што ги поставува се вистинските.

Новиот квантен скок делува совршено, но само на површината, длабоко внатре е шуплив и без значење. Единствената цел е да обезбеди минлива забава за новите Тик-ток генерации. Нивните чувства за светот, за суштината на нештата или битните прашања кои треба да си ги постави секој човек нема да бидат поттикнати или предизвикани.

Новата серија Квантен скок, како и мнозинството нови серии, служат само да го исполнат времето на публиката со слики и звуци, карактери и приказни кои ќе заминат во заборавот и ќе бидат заменети со нова серија, или поверојатно кратко забавно видео.

Во големиот тунел на денешнината која голта се со себе и не остава простор за длабоко размислување нема место за суштински прашања, длабоки приказни и студии на карактер. Затоа Квантен скок (2022) е таква каква што е, а не каква што беше.

Оценка: Стариот „Квантен скок“ (4), новиот „Квантен скок“ (2)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *