Деаноски: Синдикатот повторно не е вклучен во подготовка на текстот на Законот за плати во јавниот сектор

од Vladimir Zorba

Крајно сомничав кон предлог решенијата коишто ќе ги содржи Законот за плати, Синдикатот на УПОЗ регира поради фактот дека повторно не се  вклучени  во подготовката на текстот.

Повторно ќе ја направат истата грешка и ќе ни го дадат веќе  подготвен текст и дури тогаш ќе можеме да даваме наши предлози и забелешки наместо да не вклучат во работната група’’, изјави за „Локално“, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Алармира дека моментално, речиси 80.000 луѓе имаат примања на  ниво на минималната плата или 1000 денари повеќе .

Оттука, сите нивни обиди биле во насока на  смена  на оваа ситуација.

Проблемот е во тоа што нас просечната плата не „изеде“,  а Владата никако не не поврзува со растот на просента плата туку секогаш инсистира минималната плата да ни биде дел од основната плата“, вели Деаноски.

Категоричен е дека условувањето на согласност од Министерството за финансии за секое покачување на платите  е спротивно на меѓународните конвенции, посочувајќи дека  е неразбирливо тоа што му се дава толкава моќ на министерот за финансии.

Од страна на Синдикатот веќе  е испратена иницијатива до Уставниот суд за оспорување на  Правилникот за регистрација на колективните договори.

Министерството за финансии обелодени дека веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор. Синдикатот го одби претходното решение, па оттука, дали сега  очекувате посоодветни одлуки кои ќе бидат прифатливи за вашето членство?

-Информирани сме дека веќе се подготвува нов текст за законот за плати. За жал, повторно не сме вклучени во подготовката на текстот, односно вклучени се неколку министерства, експерти…Повторно ќе ја направат истата грешка и ќе ни го дадат веќе  подготвен текстот  и дури тогаш ќе можеме да даваме наши предлози и забелешки наместо да не вклучат во работната група. На тој начин, доколку се договориме,  синдикатите и владата би излегле со конкретен текст.

Останувате на ставот дека самото усогласување не е доволно да се смета како покачување?

-Самиот збор усогласување не значи покачување. Усогласувањето се случува секоја година со порастот на минималната плата. И самиот закон за минимална плата вели дека се усогласуваат сите останати плати со новата вредност на минималната плата. Тоа воопшто не може и не смее да се смета како покачување на плати, туку е нормална законска постапка, процедура која треба да се однесува на секој вработен без разлика дали е во јавниот или во приватниот сектор.Само кај нас владата тоа може да го продаде како покачување на плати.

Во неколку наврати посочивте дека дел од вработените во јавниот сектор работат за исклучително ниски плати. За кои категории работници и суми всушност ги посочивте?

-Во јавниот сектор секогаш било така и ќе биде. Ние само ја актуелизиравме проблематиката во изминатите неколку години. Платите отсекогаш беа на исто ниво, особено откако се воведе минималната плата. Моментално, речиси 80.000 луѓе имаат примања на  ниво на минималната плата или 1000 денари повеќе. Се обидуваме ова да го смениме во последните 2-3 години. Проблемот е во тоа што нас просечната плата не “изеде’’. Владата никако не не поврзува со растот на просечната плата туку секогаш инсистира минималната плата да ни биде дел од основната плата.

До каде е изработувањето на колективниот договор и во која насока би биле предлозите?

-Пред неколку дена почнавме  со работа. Работна група на Владата и на синдикатите ќе заседава за прв пат. Очекуваме предлог од нивна страна бидејќи од наша страна веќе беше доставен предлог текст на колективен договор иако тоа беше во 2021 г. и иако е сменета ситуацијата во државата- и во финансиска смисла и во законодавно- правна.Сега, бидејќи државата инсистира на потпишување колективен договор, би требало да излезе со предлог што мислат дека треба да биде вклучено во тој колективен договор , особено во делот на плати за да можеме да почнеме со преговори.

Дали постојат стравувања од ризик за обид за укинување на одредени работнички права, случаи  за кои во изминатиот период неколку пати алармиравте?

-Секогаш има ризик. Меѓутоа сега ќе има претставници и на ССМ и на ККС и на СОНК. Сите заедно ќе учествуваме во оваа работна група и заедничи ќе внимаваме на тоа што го бара владата да не дојдеме во ситуација да намалуваме права. Тоа еднаш се има случено кога на чело на ССМ беше Живко Митревски, но оттогаш никогаш повеќе.

Приватниот сектор инсистира дека платите во јавниот сектор треба да се усогласат со порастот на платите во приватниот сектор. Дали е ова според Вас вистинскиот пат?

-Работодавачите во приватниот сектор многу подобро ја сфатија пораката на синдикатите. Се соочуваме со поинаква криза на којашто исто така укажувавме во изминатите неколку години, дека ќе ни фалат работници. Приватниот сектор прави се за да може да ги задржи работниците во нивните фабрики и во производните капацитети. Покачуваат плати, ги усогласуваат и со просечната и со минималната плата, даваат и друг тип мотивација, а ова особено се однесува на големите работодавачи. За жал,јавниот сектор, особено министерството за финансии наместо да покачува плати бара начини како да ги скрати.

Според одредени тврдења, условувањето на согласност од Министерството за финансии за секое покачување на платите  е спротивно на меѓународните конвенции. Каков е ставот на синдикатите во однос на ова прашање?

псолутно е спротивно на сите меѓународни конвенции. Најзагрижувачки е фактот дека зад ваквата одлука стои министерството за труд и социјална политика преку правилник за регистрација на колективни договори.За нас е неразбирливо тоа што му се дава толкава моќ на министерот за финансии.Дури и работодавачите од приватниот сектор се противеа на таквиот Правилник заземајќи ја страната на синдикатите дека такво нешто го урива демократскиот капацитет на државата и сите конвенции што сме ги потпишале како независна држава. Веќе испративме иницијативи до Уставниот суд за оспорување на тој Правилник.

Еден од основните аргументи на Владата во случаи кога барате повеќе средства преку покачување на платите  едека средствата се ограничени.Кој би бил вашиот одговор?

-Треба да си најдат средства бидејќи ќе се соочат со таков недостаток на работна сила и во јавниот и во приватниот сектор што ќе бидат принудени да размислуваат за иновативни начини за покачување на платите. Значи, не за усогласување, туку за покачување. Веќе почна да се прави таа реорганизација за која говорат веќе години наназад. Прво беше реформа, а сега ја нарекоа реорганизација, но мислам дека и тие се свесни дека ако ја почнат дека ќе заглават во неа.

К.В.С.

Слични содржини