Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“, пренесе Слободен печат.

Димитриевски, кој имаше средби со граѓани на Зелено пазарче, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите

– Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првенствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани. Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така барам и Гордана Силјановска – Давкова да ги соочи аргументите со мене и со останатите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека бегаат од јавна дебата зашто немаат што да им понудат на граѓаните. Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што идниот претседател планира да изреализира од позицијата што ќе ја добие, истакна Димитриевски.

Граѓаните, дополни, не заслужуваат „ваква нетранспарентна, селективна и наменска кампања како што има во моментов“.