Не е точно дека украинскиот претседател Леонид Кучма (1994-2005) бил исклучиво свртен кон Русија

Мултивекторност: Л. Кучма со секретарот за одбрана на САД, Д. Рамсфелд (Фото: Оддел за одбрана на САД) и со рускиот претседател В. Путин (Фото: Kremlin.ru)

Објави на социјалните мрежи излегуваат со тврдења за наводната блискост на украинскиот претседател Леонид Кучма (1994-2005) со Русија. Иако тој се обидувал да одржува нормални односи со Русија, сепак, неговата надворешна политика далеку од тоа дека била свртена кон Русија. Особено што земјата токму во текот на неговото владеење официјално изрази желба за влез во НАТО. Со ова паѓаат во вода и другите тврдења, со кои се сака да се наметне мислење според кое тогашна Украина била целосно про-руска, само што Западот, ете, во меѓувреме ги расипал односите. Истото тврдење кое со години наназад го турка и пропагандата на Кремљ

Објави на социјалните мрежи излегуваат со тврдења за наводната блискост на украинскиот претседател Леонид Кучма (1994-2005) со Русија. Иако тој се обидувал да одржува нормални односи со Русија, сепак, неговата надворешна политика далеку од тоа дека била свртена кон Русија. Особено што земјата токму во текот на неговото владеење официјално изрази желба за влез во НАТО. Со ова паѓаат во вода и другите тврдења, со кои се сака да се наметне мислење според кое тогашна Украина била целосно про-руска, само што Западот, ете, во меѓувреме ги расипал односите. Истото тврдење кое со години наназад го турка и пропагандата на Кремљ

 

Пишува: Вангел Башевски-Барми

 

Во следниве објави на Facebook: од 12.4.2024, 1.3.2022, 27.2.2022 и 1.2.2022 г. провејува еден ист наратив, а тоа е дека екс-претседателот на Украина, Леонид Кучма, наводно бил близок со Русија, па тоа што тој ја снабдувал Р. Македонија со оружје за време на конфликтот во 2001 г. некои го сфаќаат како потег на про-руски политичар, што не е сосема точно. Во 2003 г. Кучма замалку ќе започнел војна против Русија, заради нејзината узурпација на островот Тузла крај Крим и ја објави книгата „Украина не е Русија“, чиј наслов кажува многу. Кучма сега цврсто се залага за одбрана на Украина од агресијата.

Намерно или од незнаење, овие објави премолчуваат клучни факти од биографијата на Кучма, како, на пример, дека тој скиташе меѓу Истокот и Западот, што биеше наречено многувекторна политика.

Кучма дури ќе ја вклучеше Украина во НАТО. На чело со неговиот претходник Леонид Кравчук, на 8.2.1994 г. таа влезе во програмата Партнерство за мир на НАТО, ккоја во голем дел се смета како првчекор кон членството во Алијансата во идниа. Кучма, пак, отиде чекор понапред, па на Мадридскиот самит на НАТО на 9.7.1997 г. Украина потпиша договор за продлабочена соработка со НАТО и учествуваше во неговите воени вежби.

И Русија влезе во Партнерството, затоа што тогаш имаше добри односи со НАТО, но тие се влошија во 1999 г. и тоа особено откако Владимир Путин го презеде претседателствувањето со Русија после Борис Јелцин. А, од гледна точка на Путин, блискоста на Кучма со НАТО сигурно не беше про-руска политика.

 

УКРАИНА ВО НАТО – ЖЕЛБА ИЗРАЗЕНА УШТЕ ВО 2002 ГОДИНА

На 23.5.2002 г. Советот за безбедност на Украина донесе стратегија за влез во НАТО, која стапи на сила со указот на Кучма бр. 627 од 8.7.2002 г., па земјата и официјално изрази желба за тоа. Во 2003 г. таа им испрати околу 1.700 војници на Американците во Ирак (трет по големина контингент после оние на САД и Велика Британија), иако во 2000 г. му продаде воена опрема на Садам Хусеин. Но, тоа е таа многувекторност.

Таквата многувекторност во надворешната политика на Украина во тоа време, односно соработка со сите, беше и причината зошто земјава купи оружје токму од Украина. Значи, не станува збор за тоа дека „Украина ни помогнала во 2001 година“, туку воената опрема од Украина во тој период беше платена на комерцијална основа. За тоа говори и тогашниот шеф на делегацијата за набавка на воена опрема, Марјан Ѓорчев за Фокус. Зошто купивме опрема од Украина, а не од некоја друга земја има две причини. Првата, за која говори Ѓорчев, се однесува на фактот што веќе имавме економски односи со Украина зашто многу од сировините за Железара се увезуваа оттаму.

Втора причина е фактот што во тоа време Украина имаше многу вишоци во опрема и оружје останато од времето на Советскиот Сојуз, кое на крајот од 90-ите и почетокот на 2000-ите сѐ уште беше модерно и современо. Таквите вишоци на оружје, покрај тоа што беа надвор до формацијата на украинските оружени сили, беа и по поповолни цени, затоа што во тој период по крајот на Студената војна се појавија вишоци на оружје и на Запад и на Исток. Од друга страна, кога станува збор за евентуална набавка на оружје од Русија, пак, Ѓорчев вели дека со Русија и тогаш (како и денес) не сме имале развиени економски односи и дека економски застапник на Русија во тоа време (како и денес) биле српски фирми, кои имале и преференцијален третман.

Во октомври 2003 г. дојде до инцидентот кај островот Тузла, кого Русија го узурпира за изградба на брана. Украинските сили беа ставени во состојба на борбена готовност и го запленија рускиот брод „Труженик“, а Кучма го посети островот и им нареди на украинските војници по потреба да стрелаат. Русија крена раце од планот, што тогаш претставуваше една мала победа за Украина.

Сепак, Кучма имаше и про-руски моменти. Според некои, тој не гласал за Декларацијата за независност на Украина во 1991 г., а изборно мото во 1994 г. му било: „Украина и Русија: помалку ѕидови, повеќе мостови“. Тој склучи договори со Русија и ѝ изнајмуваше бази на Крим, а армиите на двете земји дури и одржуваа заеднички воени вежби. И токму со помош на Кучма про-руски настроениот Виктор Јанукович стана премиер, а потоа и претседател.

 

РУСКИОТ ЈАЗИК НЕ СТАНА НИ ДРЖАВЕН, НИ ОФИЦИЈАЛЕН

Кучма беше обвинуван за фаворизирање на рускиот јазик, што е болна тема заради асимилацијата на Украинците под Руската Империја и СССР. Но, тоа беше само игра на Кучма – тој даваше различни ветувања пред различна публика, па на онаа рускојазичната ѝ ветуваше рускиот јазик да стане официјален, што беше сфатено како државен, на ниво на украинскиот. Но, Кучма, всушност, мислеше на нешто друго, но ни тоа не го исполни, а на крај изјави дека рускиот јазик не треба да биде официјален и дека нема да биде државен.

Кучма беше, пред сѐ, се грижеше за сопствените интереси и им се додворуваше и на Истокот и на Западот само за да остане на власт. Тој беше обвинуван за корупција и самоволие, дури и за убиства на опозиционери, што доведе до протестите „Украина без Кучма“ (15.12.2000 – 9.3.2001 г.).

Во некои од објавите што ги рецензираме, се вели дека за Кучма најмногу гласале во Крим и Донбас, кои се опишани како про-руски настроени и заради тоа се заклучува и дека Кучма бил таков. Но, тој таму бил успешен само на изборите во 1994 г., а во 1999 г., најголем успех имал во Западна Украина, која е многу повеќе свртена кон Европската Унија.

 

ИСТОЧНА УКРАИНА НЕ Е БАШ ПРО-РУСКА

А, Донецката и Луганската Област (односно Донбас) и не се баш про-руски. Во 1991 г., во секоја од нив околу 83 отсто гласале за независна Украина. Русите во секоја од нив се само околу 39 отсто и, иако тамошните Украинци се рускојазични, тоа не мора да значи и про-руски настроени. ДНР и ЛНР опфатија само околу 30 отсто од секоја од тие области, што се смени дури со инвазијата во 2022 г. Дури ни Крим не е екстремно про-руски, а во 1991 г., за независна Украина таму гласаа 54,19 отсто.

Во некои од овие објави се нагласува и дека Кучма бил член на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС), сугерирајќи со тоа дека Кучма бил близок со Москва, но тоа само по себе не докажува ништо. Па и ривалот на Кучма и првиот претседател на независна Украина, Кравчук, некогаш членувал во КПСС. Други партии во СССР немало.

Кај некои од рецензираните објави е присутно и тврдењето според кое про-рускиот комунист Кучма им се спротивставил на украинските националисти. Но, од друга страна, тој бил независен претседателски кандидат, а не од КПСС, која веќе и не постоела, а противкандидат во 1999 г. му бил Петро Симоненко од Комунистичката партија на Украина, кој е родум од Донецк.

Заради сите аргументи наведени во овде, никако не може да се каже дека поранешниот претстедател на Украина, Леонид Кучма, бил сосема про-руски настроен, заради што ваквите објави, кои се предмет на рецензија овде, ги оценуваме како делумно невистинити.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција