Шпанскиот премиер во центар на вниманието: „Педро, не се откажувај“!

43

Поддржувачите на шпанскиот премиер Педро Санчез, околу 12.500 од нив, организираа протест за поддршка каде што го повикаа да остане на чело на прогресивната коалициска влада со екстремно левичарската партија Сумар и да не поднесува оставка.

Во текот на викендот се одржаа демонстрации пред седиштето на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) во центарот на Мадрид, при што насобраните извикуваа слогани како „Педро, не се откажувај“ или „Педро останува“, пренесува Еуроактив.

Меѓу собраните имаше и неколку министри, како министерката за финансии Марија Хесус Монтеро, која според аналитичарите би можела да го замени Санчез доколку поднесе оставка.

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска ќе соопшти дали има намера да поднесе оставка поради обвиненијата за корупција против неговата сопруга Бегоња Гомез, пренесува dpa.

Неговата канцеларија утринава соопшти дека одлуката ќе ја соопшти напладне, пренесува Ројтерс.

Во средата, Санчез неочекувано објави дека размислува да замине. Потоа ги откажа сите планирани состаноци и рече дека својата одлука ќе ја соопшти во понеделник.