Оган и пламен за веќе запалените објекти, како Универзална

Понекогаш изгледа необјасниво - како оние што би требало со голем елан да се зафатат како поуспешно и поубаво да ги реконструираат заплените важни објекти тие прават сѐ тоа да го оневозможат


 

Се запали, пиле Трено, одајчето/одајчето, пиле Трено, варосано.

Не ми е жал, пиле Трено, за одајчето/тук’ ми е жал, пиле Трено, за чекмеџето.

Внатре беа, пиле Трено, тапиите/тапиите, пиле Трено, од нивите/тапиите, пиле Трено, од ливадите.

Народниот фолклор ги отсликува душата и менталитетот на еден народ, па некако соодветна  доаѓа оваа македонска песна, откако се запали Универзалната сала во Скопје, среде реконструкција, најавувана 15 години, а конечно почната пред неколку месеци. Звучи неверојатно, но така одат реконструкциите кај нас, на сите државни (не приватни) објекти кои ќе ги снајде некоја хаварија како пожар, поплава, земјотрес…

Пожарот во Универзалната сала е последен од долгата редица објекти кои претходно ги снашла иста судбина. Изгоре и Шалтер салата на Поштата во центарот на Скопје, се запалија и просториите на Државниот инспекторат за животна средина, бараките на Судот за прекршоци и ред други објекти, кои или се реновираат по години или воопшто не се реновираат. Во сред изградба се подзапали и новиот Македонски народен театар, а едно време и се поплави. Во екот на изградабата на „новата“ зграда на Владата како дел од проектот „Скопје 2014“, токму во 2014-та, гореше пластиката и дел од инсталацијата на објектот. Мостот „Беласица“ каде што изгоре топловодот, сѐ уште не е целосно во функција…  

Во дел од нив горела и некаква документација, но никогаш онаа важната. Сѐ се тоа некои неважни списи, кои којзнае зошто тогаш се чувале, но штетата најчесто е материјална, односно на објектот и ентериерот, никогаш суштинска на документацијата што се чува во нив.

Универзалната сала пак, среќа, беше испразнета уште во 2021 година, од „чекмеџето“. Среќа, отстранет бил резервоарот со нафта. Не сакаме ни да помислиме што би се случило. Од огнот нечепната остана новата челична купола, па сега освен малку поголема мака во отстранување на опожарениот шут за изведувачот, други последици нема.

За Универзална имаше безброј предлози како да се реновира, па дури и да се изгради целосно нов објект или пак да се дислоцира. Пошта не дава да се реновира Шалтер-салата каде што изгоре и муралот на Борко Лазески и да се пренамени во мултикултурен објект. Биле сентиментално врзани за неа. Па, изгледа поарно е да стои таков нагорен, да пропаѓа под дожд, под снег, под сонце, под ветер, отколку да се направи фин центар кој ќе го користат скопјани.

Кавгата околу реновирање на објекти речиси е задолжителна. Секогаш ваквите потфати потпаѓаат под надлежност на неколку спротивставени власти, оти толку многу време поминува, што се случуваат и по неколку изборни циклуси во меѓувреме. Едните се повикуваат на едни документи, други на сосема други, се менуваат закони, се изземаат од надлежност… сѐ, само никој да ги засука ракавите и да сработи. Зборот акција изгледа постои само на почетокот на првата клапа при снимање филм. И тоа ретко го правиме.

Само неколку дена по пожарот во Универзална светот жалеше за пожарот во поранешната зграда на данската берза во Копнехаген каде во моментот била сместена Стопанската комора. Изгоре средишниот дел на зградата, а падна и познатиот врв составен од испреплетени опашки на четири змеја. Колку време ќе им треба на Данците да ја направат зградата исто убава и „постара“? Иста судбина ја снајде и Богородичната црква во Париз во 2019 година, а годинава на 8 декември, таа ќе биде пуштена во употреба.

Немаат ли тоа Французите и Данците политичари за меѓусебна кавга, немаат ли тие закони, правилници, надлежности што ќе ги спречат за само пет години да ја реизградат Нотр Дам, ем со комплетна реставрација?!

Градоначалничката на Скопје, која претходно ја предаде Универзалната сала на Министерството за култура да ја изгради, па да му ја врати на градот, фрла оган и пламен по министерката и ликува дека предупредувала оти проектот не чинел. Министерката, пак,  обелодени дека Градот не ги ни доставил сите документи. Мафтаат и двете со документи, која од која посилна, секојдневно на прес-конференции, а каде се крие вистината – ни суд не може да пресуди.

Единствената вистина што сите ја гледаме е дека ни скапуваат несреќните објекти, кои треба да се реновираат и стават во употреба со пари од Буџетот, со пари кои граѓаните мора да ги одвојат за да се слеат во државната каса. Парите магично ги снемува, а објектите остануваат само во носталгичните сеќавања на граѓаните.

А тапиите? Ех, тапиите!