1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте притисокот за оставки и одговорност во СДСМ

ДТЗ
9 мај 2024

Членови на партијата повикаа на оставки веднаш - а не со одложено дејство и условени. Од партиските функции веќе најавија дека се повлекуваат Фатмир Битиќи, Перо Костадинов и Јованка Тренчевска.

https://p.dw.com/p/4ffih
СДСМ
По катастрофалниот пораз расте притисокот за оставки и одговорност во СДСМФотографија: P.Stojanovski /DW

По катастрофалните резултати на парламентарните избори, на кои СДСМ изгуби со над 280 илјади гласови од ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори на кои Гордана Сиљановска Давкова успеа да го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски со околу 310 илјади гласови разлика, расте притисокот за оставки и одговорност во врвот на Социјалдемократскиот сојуз. Членови на партијата повикаа на оставки веднаш - а не со одложено дејство и условени. Од партиските функции веќе најавија дека се повлекуваат Фатмир Битиќи, Перо Костадинов и Јованка Тренчевска. 

Храброст да се прифати поразот

Социјалдемократот Јован Деспотовски, кој е на чело на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), побара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не со одложено дејство и условени. Во јавно обраќање преку социјалните мрежи тој вели дека за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

„Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама…веќе утре ќе и бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго, а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски. 

Тој смета дека на членовите на СДСМ и на поддржувачите денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ. „Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани“, вели Деспотовски. 

Јован Деспотовски
Социјалдемократот Јован Деспотовски побара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не со одложено дејствоФотографија: Privat

Тој нагласува дека по изборниот ден била пропуштена огромна шанса да се направи првиот чекор кој, како што вели, почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот.

„По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување“, порачува Деспотовски.

Во 2021 година, по повлекувањето на Зоран Заев од лидерската позиција во партијата, Деспотовски беше еден од четворицата кандидати за претседател на СДСМ, но засега, одбива да каже дали повторно ќе се кандидира. 

Се редат најави за оставки 

Повикот следи откако во јавноста расте притисокот за одговорност во врвот за СДСМ за изборниот пораз. Лидерот на партијата, Димитар Ковачевски изјави дека резултатите се разочарувачки, дека на СДСМ му е зададен сериозен удар, по што најави процес на обнова и консолидација на партијата и нови избори за претседател и раководство на партијата. 

Во меѓувреме дел од партиските кадри најавија повлекување од партиските функции. Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека ќе поднесе оставка од партиската функција која ќе се ефектуира кога и другите од партиското раководство ќе го направат истото. Фатмир Битиќи е еден од четворицата потпретседатели на СДСМ. Вели дека како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучил да поднесе оставка од функцијата потпретседател на партијата. 

Фатмир Битиќи
Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека ќе поднесе оставка од партиската функција која ќе се ефектуира кога и другите од партиското раководство ќе го направат истото. Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, порача Битиќи. 

Оставка од функцијата потпретседател на СДСМ поднесе и Перо Костадинов.

„Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас“, порача Костадинов. 

„Време е за нови лица“ 

Исто така и дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на својот Фејсбук објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

Тренчевска вели дека во СДСМ треба да настапат „оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува“. „Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро“, порачува таа.  

Димитар Ковачевски
СДСМ на овиe избори освои вкупно 18 мандати - најмалку во историјата на партијата на парламентарните избори, со што за првпат стана трета политичка сила во македонскиот парламент. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка во СДСМ, најави дека целиот свој капацитет, енергија, посветеност и знаење, ќе ги вложи во заздравувањето и реформите на СДСМ.  „Во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база“, вели Маричиќ.

Тој не успеа да се избори за пратеничко место на овие избори. Вицепремиерот за европски прашања и поранешен министер за правда беше четврти на листата на СДСМ во Изборната единица 1, каде СДСМ доби само три пратеника. Носител на листата е Димитар Ковачевски, по што следат Моника Зајкова од ЛДП и Даниела Николова. Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска ќе бидат пратеници и во новиот парламентарен состав. 

СДСМ на овиe избори освои вкупно 18 мандати - најмалку во историјата на партијата на парламентарните избори, со што за првпат стана трета политичка сила во македонскиот парламент. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи